ПРОЕКТИ ТЕШКИ ДЕСЕТ МИЛИЈАРДИ ЕВРА
- Овој инвестициски циклус е шанса и за македонскиот градежен сектор од состојба на подизведувач да се престрои на старите колосеци и да биде главен изведувач на што е можно повеќе проекти. Така тие десет милијарди евра не би отишле надвор, туку голем дел од нив би се вратил во буџетот и би обезбедил сериозен раст на БДП
Главните сообраќајни артерии на Македонија, коридорот 10 и коридорот 8, се на владиниот список на приоритети за надградба или проширување на инфраструктурата што треба да одговори на сите модерни предизвици и потреби. Но, како што неодамна информира премиерот Христијан Мицкоски на брифинг со македонските медиуми, Владата годинава планира истовремена изградба и на шест автопатски делници. Тоа значи дека освен клучните коридори на списокот на приоритети се и регионалното поврзување, капитални енергетски проекти, брза и транспортна железница, придружни капацитети покрај коридорите и многу други зафати.
Кога сѐ ќе се стави на куп, тогаш владините пресметки велат дека за овие инфраструктурни проекти што се планирани за наредните десет години, ќе бидат потребни 10 милијарди евра. Тоа значи секоја година по една милијарда, што подразбира дека државата би можела да го издржи тој капитален инвестициски циклус. Клучното прашање е дали голем дел од тие средства би се вратил во буџетот преку ангажирање домашни компании како главни изведувачи или, пак, кајмакот ќе го соберат странци. Големите светски ајкули секако дека овие најави од владата ги следат со внимание, зашто во ек на криза, особено во Европа, на сите ќе им требаат пари, па и македонските милијарди.
КАКО ДА СЕ ОЖИВЕЕ ГРАДЕЖНИОТ СЕКТОР?
Некогаш моќен, а денес градежниот сектор е речиси претворен во човек-фирма и не е конкурентен ни дома ни на странскиот пазар. Но во услови кога Владата најавува големи инфраструктурни зафати, декада на градежен бум, со изградба на капитални објекти, како што се брза железница, Чебрен-Галиште, когенеративни централи, нов клинички центар во Скопје кај салата „Борис Трајковски“ и многу други, прашање е дали домашните градежници ќе можат да влезат во игра и да земат добар дел од тој колач. Доколку голем дел од нив успеат да се мобилизираат и да се престројат, тогаш реално е да се очекува тие да земат дел од бизнисот, а со тоа и добар дел од десетте милијарди да ги вратат во буџетот. Во такви услови може и да се очекува раст на БДП и над четири проценти.
Меѓутоа констатирано е дека градежниците денес дишат на жабри. Нивниот вкупен капацитет на годишно ниво би изнесувал максимум до околу 250 милиони евра. Во владините планови, пак, проектите се во износи што се многу поголеми. На пример само делницата Блаце-Скопје изнесува 215 милиони евра. Затоа е потребно создавање стратегија како да се одговори на овој голем предизвик. Во игра треба да се вклучат и банките, кои во моментов повеќе размислуваат како да живеат од провизии и „должничко ропство“ отколку да инвестираат. Сега повторно се гледа аномалијата што во банкарскиот систем немаме голема инвестициска банка!
Да резимираме – направен е првиот состанок меѓу владата и Стопанска комора (градежен сектор), а најавени се средби и со другите две комори, од кои се очекува резултатот. Бидејќи е реално да се очекува градежниот сектор да расте по 20 проценти годишно, тогаш логично е да се очекува преку голема мобилизација да се создадат услови тој побрзо да расте и да земе голем дел од инвестицискиот колач. Во спротивно кајмакот ќе го соберат странски компании, а понекое милионче ќе отиде и во приватни џебови во согласност со познатата пракса и кај нас и во светот. Тоа нема да го крене нашиот БДП значително.
ОТЧЕТ ЗА АКТИВНОСТИТЕ НА ТЕРЕН
На истиот брифинг Мицкоски информира дека кон крајот на јуни или во почетокот на јули се очекува да почнат работи на терен за вториот дел од автопатот Скопје-Блаце, а во септември или октомври и градежните работи за автопатот Кичево-Букојчани. На терен се заокружуваат работите за целосно ставање во функција на автопатот Кичево-Охрид, а се работи и на делниците Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани и Прилеп-Битола од проектот со „Бехтел и Енка“. На некои делници сѐ уште има нерешени прашања поврзани со сопственоста на имотите. Како непредвиден случај е посочен правецот Тетово-Гостивар, каде што изведувачот се обврзал самиот да ги решава правните спорови.
На автопатот Кичево-Охрид (57 километри), кој се гради веќе 12 години и од кој се пуштени 34 километри, се очекува делницата од Извор до Врбјани да биде овозможена за сообраќај најдоцна до септември или октомври оваа година, а делницата од Врбјани до Ботун исто така да биде ставена во функција во согласност со предвидената динамика на градежните работи.
– Очекуваме, според оптимистичкото сценарио, делницата од Извор до Врбјани, вклучувајќи ги и вијадуктите и тунелите, да биде пуштена во употреба до Денот на независноста – 8 Септември. Доколку има дополнителни доработки, рокот би можел да се помести до октомври. Целосното пуштање во употреба на автопатот, од Кичево до излезот кај Охрид, каде што се наоѓа единствената преостаната делница што сè уште не е поврзана со автопатско решение, го очекуваме во првиот квартал од 2027 година – информира Мицкоски.
Според него, и со дополнителното финансирање цената за километар останува пониска од цената на делниците на коридорот 8 и коридорот 10, кои ги реализира конзорциумот „Бехтел и Енка“.
Тој најави и нов регионален пат од Штип до Делчево, кој треба да има големо регионално значење, но и многу подобро инфраструктурно поврзување со Бугарија.
„Чебрен-Галиште“ конечно наш проект?
Со 1,5 милијарда евра државата планира самостојно да го гради проектот во фиока – „Чебрен“ и „Галиште“, за кои моментално ЕСМ работи на студија за оправданост, откако во изминатите триесетина години пропаднаа дури 14 тендери за изградба на овие значајни енергетски капацитети. Првиот посериозен чекор е направен пред 20 години и оттогаш овој проект е оставен само како идеја или предизборно ветување. „Чебрен“ се наоѓа во клисурниот дел на Црна Река, оддалечено 81 км спротиводно од нејзиното устие во реката Вардар, во близина на селото Манастир. На тој потег веќе е изградена ХЕ „Тиквеш“. Во претходната студиска фаза на проектирање е усвоено да се изградат две прибрански хидроцентрали со значаен акумулациски простор, и тоа: ХЕ „Галиште“ со нормална кота на акумулацијата 392 метри надморска височина и ХЕ „Чебрен“ со кота на акумулацијата 565 м.н.в.
Денес постојат многу иновации во оваа сфера, па се очекува тие да најдат место и во новата студија за максимално искористување на водниот потенцијал. „Галиште“ и „Чебрен“ би биле и голем енергетски извор, но и неопходен воден резервоар, особено за Тиквешко Поле. Доколку се остане на сегашниот концепт, тогаш овој проект ќе ги оствари насоките на експертите што настојуваа (едно од прашањата за кои падна претходната влада на СДСМ) тој проект да го гради македонската држава и да биде во нејзината сопственост. Еден од симболите на нејзината енергетска самостојност. Х.И.
Планирана изградба на гасни когенеративни централи за снабдување на домаќинствата
Премиерот Мицкоски информира дека се планира и изградба на гасни когенеративни централи за производство на електрична и топлинска енергија. Владата планира овие когенеративни централи да имаат приклучоци до секој дом за снабдување со енергија, но не ги откри локациите каде би се наоѓале првите централи.
Со 400 милиони евра веќе се гради ветерниот парк кај Штип, кој е најголемиот енергетски проект од обновливи извори во Македонија. Паркот ќе се протега на територијата на општините Штип, Карбинци и Радовиш, а ќе произведува електрична енергија за снабдување на околу 100.000 домаќинства.
Беше кажано дека се планирани и два големи центри за податоци, но поради почитување на принципот деловна тајна тој не ги соопшти имињата на компаниите.

































