Министерството за внатрешни работи информира дека во изминатите 24 часа се регистрирани седум случаи на семејно насилство низ државата, а две лица се лишени од слобода поради сомнение за физички напади врз членови на семејството.
Според полицискиот билтен, најтешките случаи се евидентирани во Скопје, Велес, Тетово и Штип, при што дел од пријавите се однесуваат на физичко насилство, закани, демнење и непочитување на мерки определени од центрите за социјални работи.
Во Скопје, 36-годишна жена пријавила дека била физички нападната од нејзиниот сопруг со кого е во бракоразводна постапка. Во друг случај, маж од Аеродром пријавил дека неговата поранешна сопруга физички ги нападнала нивните две малолетни деца и него, при што употребила тврд предмет.
Полицијата во Карпош приведе 36-годишен скопјанец осомничен дека физички ја нападнал својата поранешна партнерка.
Во Штип, 57-годишна жена пријавила дека нејзиниот поранешен партнер телефонски ѝ се заканувал нејзе и на членовите на нејзиното семејство, по што биле известени јавен обвинител и Центарот за социјални работи.
Особено загрижувачки е случајот во Тетово, каде минувачи пријавиле дека жена физички нападнала дете на возраст од три до четири години на јавна површина. Според пријавата, по реакцијата на граѓаните таа го оставила детето на улица и се оддалечила. Детето било прегледано од лекар и предадено на Центарот за социјални работи.
Во друг случај во Тетово, жена од Албанија пријавила дека нејзиниот сопруг, со кого е во бракоразводна постапка, со месеци не ги почитувал одлуките на Центарот за социјални работи, ѝ упатувал закани и ја демнел.
Во Велес, полицијата приведе 45-годишен маж по пријава од неговата 18-годишна ќерка дека физички ја нападнал во семејниот дом. Дополнително, од Центарот за социјални работи било пријавено дека подолг период физички ги малтретирал и своите малолетни ќерки.
Од МВР велат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на сите случаи, по што против осомничените ќе бидат поднесени соодветни пријави.

































