На осмиот конкурс за книжевната награда „Пегаз“, кој го организира издавачката куќа „Арс Ламина“, во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, пристигнаа 50 ракописи. Добитникот на наградата ќе биде објавен на 2 септември 2026 година. Пристигнатите необјавени романи за возрасни, напишани на македонски јазик и со кирилско писмо, ќе ги оценува тричлена комисија составена од двајца реномирани културни работници и еден претставник на издавачката куќа. Составот на стручната комисија ќе биде објавен при прогласувањето на добитникот. Наградата „Пегаз“ е откупна и се состои од паричен износ од 90.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција.
„Пегаз“ произлезе од идејата за откривање квалитетни романескни ракописи што ќе придонесат за развојот на романот како книжевен вид во современата македонска книжевна продукција. Наградата е востановена во 2019 година и е замислена како продолжување на етаблираната награда „Роман на годината“, која Фондацијата „Славко Јаневски“ ја доделува за најдобар објавен роман на годината.
Досегашни добитници на наградата „Пегаз“ се: „Насон прочитана книга“ од Соња Манџук (2019), „Мртвите знаат најдобро“ од Владо Јаневски и „Лазарка“ од Љупчо Петрески (2020), „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков (2021), „Зелениот дворец“ од Сибо (2022), „Риба во(н) мрежа“ од Јована Матевска-Атанасова (2023), „Ехото на акробатите“ од Владимир Јанковски (2024) и „Кривата Дијана“ од Фросина Пармаковска (2025).
































