• „Класика – меѓународен фестивал Струмица“ е манифестација што во изминатите години се етаблира како значајна платформа за промоција на класичната и камерната музика и како препознатлив културен белег на градот Струмица

По пет успешни изданија, меѓународниот фестивал за класична музика „Класика – меѓународен фестивал Струмица“ веќе прераснува во препознатлива културна традиција и еден од најзначајните музички настани во Југоисточниот Регион на државата. Од 1 до 10 јуни Струмица беше домаќин на врвни домашни и странски уметници. Преку богатата програма, фестивалот повторно ја доближува класичната музика до пошироката публика и создава простор за средба со највисоките уметнички дострели.
Годинашната програма понуди пет концерти, со учество на реномирани уметници од Македонија, Словенија, Србија, Русија и Австрија, кои пред публиката изведоа дела од најзначајните светски композитори, но и од современи автори. Фестивалот почна со концертот на дуото „Дармар“, составено од македонскиот гитарист Дарко Багески и словенечкиот хармоникаш Марко Хатлак. На програмата се најдоа дела од Бах, Бизе, Албениз, Пјацола и други автори. Потоа настапи српското клавирско трио „Сиринкс“, во состав Ангелина Егериќ (флејта), Филип Томиќ (виолончело) и Немања Егериќ (пијано), кои изведоа композиции од Дебиси, Лефевр и Карл Марија фон Вебер. Во рамките на фестивалот, во храмот „Св. Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици“ концерт имаше женскиот камерен хор „Керамија“, под диригентство на Катерина Попоска. Публиката уживаше во дела од Мокрањац, Секулоски, Хидри и Бортњански, а концерт одржа и клавирското трио „Алтус Н3“, во кое настапуваат сопранистката Гонца Богоромова, виолончелистот Паскал Краповски и пијанистката Маријана Николовска. Нивната програма опфаќа дела од Тавенер, Превин, Моцарт, Бернштајн, Темков и други автори.
Фестивалот ќе биде затворен вечерва, со настапот на хармоникашкото дуо „Ту белоус“, кое го сочинуваат Ана Коловска (Русија/Австрија) и Александар Коловски (Македонија/Австрија). Тие ќе изведат композиции од Бах, Лијанг, Семеонов, Акханов, Пјацола и Коловски. Со своето петто издание, фестивалот уште еднаш ја зацврстува позицијата на Струмица како град што континуирано инвестира во културата и гради настани со трајна вредност.
– Целта во реализација на фестивалот е да ги претставиме врвните македонски уметници што ја негуваат камерната музика, но и гости од соседните земји, Европа и пошироко. Струмица е град со традиција и историско културно наследство од сите сфери, град што ги сака музичката уметност, театарот, филмот, сликарството и културата воопшто. Идејата за фестивалот потекна од нас, група професионални музичари од Филхармонијата, Операта и колеги од музичкото училиште „Боро Џони“ од Струмица, оформени во здружение на граѓани со име на фестивалот, со цел да направиме допадлив и квалитетен фестивал, единствен од таков вид кај нас, презентирајќи претежно камерна музика во состави како дуо, трио, квартет, квинтет, октет, хорови, камерни оркестри итн. Идејата за фестивалот ја прифатија и поддржаа градоначалникот на градот и Советот на Општина Струмица, за што им благодариме за поддршката – изјави Васил Атанасов, селектор на фестивалската програма.