Нова геополитичка динамика за Западен Балкан со децентрализација на евроинтеграциите
- Наместо досегашната крута и пасивна динамика од само две средби годишно, обично позиционирани во јуни и декември, сега земјава добива шанса дури 24 пати во годината, односно двапати месечно, директно да дискутира и да ги усогласува ставовите околу клучните прашања за нашата евроинтеграција со Франција и Германија. Значително зголемената фреквенција на комуникација на Скопје со Париз и Берлин бара итна мобилизација и целосно редизајнирање на македонската дипломатска мрежа, која сега мора да покаже капацитет за континуиран и проактивен ангажман на највисоко ниво
По самитот меѓу Европската Унија и Западен Балкан во Тиват, Црна Гора, станува повеќе од јасно дека процесот на проширување на Европската Унија доживува радикална трансформација. Констатацијата на германскиот канцелар Фридрих Мерц дека и ЕУ потфрлила во делот на проширувањето е доволен доказ дека, во новите геополитички моменти, Унијата сака проширувањето да се заокружи што поскоро. Токму затоа, наместо широк и конфузен процес, сега оската на одлучување и моќ за Западен Балкан видливо се префрла од бриселските ходници директно во Париз и Берлин, означувајќи суштинска децентрализација на евроинтегративниот пат.
За Македонија, оваа нова реалност, материјализирана преку најновиот нон-пејпер лиферуван токму од неформалните европски лидери, германскиот канцелар Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон, отвора досега невиден дипломатски простор, кој треба ефективно да се искористи. Имено, наместо досегашната крута и пасивна динамика од само две средби годишно, обично позиционирани во јуни и декември, сега земјава добива шанса дури 24 пати во годината, односно двапати месечно, директно да дискутира и да ги усогласува ставовите околу клучните прашања за нашата евроинтеграција со Франција и Германија.
Од друга страна, оваа значително зголемена фреквенција на комуникација бара итна мобилизација и целосно редизајнирање на македонската дипломатска мрежа, која сега мора да покаже капацитет за континуиран и проактивен ангажман на највисоко ниво.
Дипломатска офанзива без промена на правилата на игра
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски за време на овонеделен брифинг со новинарите истакна дека ова е позитивен чекор од страна на ЕУ, при што подвлече дека околу националните прашања нема да има никакви отстапки и дека остануваат посветени околу заштитата на идентитетските прашања.
– Нон-пејперот го забрзува процесот без притоа да има потреба од измена на суштинските договори во ЕУ. Ова никако не е утешна награда, туку означува кревање на нашите односи со Унијата на значително повисоко ниво – изјави Мицкоски.
Тој децидно нагласи дека во овој нов формат на интензивни преговори, во кои ќе има 24 можности за комуникација годишно, наместо досегашните две на годишно ниво, македонските темелни принципи и вредности нема да претрпат никакви поместувања. Мицкоски исто така не ја исклучи можноста за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан во еден заеднички пакет, што би му дало дополнителна важност на целиот регион.
И претседателката Гордана Сиљановска-Давкова истакна дека штом зад нон-пејперот застанале претседателот Макрон и канцеларот Мерц, тогаш можат да се насетат активности во насока на забрзување на процесот на проширување што би биле добри и за земјава во насока на забрзување на реформскиот процес.
– Мислам дека ќе нè држи во кондиција и ќе ни го овозможува она што ќе нè прави послични на европските членки. Значи, на некој начин ќе биде европеизација во чекорење и заедно. Првиот чекор на оваа филозофија всушност беше Планот за раст, а тоа не е случајно. Ова е веќе втор чекор на она што е реформирање – рече претседателката во интервјуто за „360 степени“ емитувано завчера на државната МРТ.
Сепак, целата оваа нова динамика во голема мера ќе зависи од клучните политички поместувања во јадрото на ЕУ. Тоа пред сè се однесува на претседателските избори следната година во Франција, но и на комплексниот развој на политичката сцена во Германија, каде што се забележува тренд во кој лидерот на ЦДУ, Фридрих Мерц, ја губи поддршката наспроти евидентниот раст на десничарската АфД (Алтернатива за Германија).
Пакет-решение за регионот под лупа на внатрешните кризи во ЕУ
Политичките аналитичари и упатените во европските процеси сметаат дека префрлањето на фокусот во Париз и Берлин има двојно значење, кое во овој момент може драстично да го смени статус квото.
– Влегувањето во директен колосек со Франција и Германија 24 пати годишно е огромна стратешка предност, но носи и сериозни политички ризици поврзани со внатрешните превирања во овие две држави. Фактот што нон-пејперот овозможува побрзо темпо без менување на основачките договори на ЕУ е одличен маневар за заобиколување на бриселскиот замор од проширувањето. Од друга страна, идејата за пакет-решение за Западен Балкан повторно станува жива бидејќи за Париз и Берлин е многу поедноставно да менаџираат еден цел геополитички регион, отколку да се справуваат со поединечните билатерални спорови на секоја земја посебно – велат соговорниците.
Според нив, клучниот предизвик лежи во прашањето што ќе се случи ако десницата во Германија и Франција дополнително зајакне и ако целата приказна со динамиката на проширувањето повторно замре.
– Ако Фридрих Мерц продолжи да ја губи поддршката, а АфД капитализира на незадоволството, германската надворешна политика би можела сериозно да се затвори во себе. Слично е и со Франција, каде што претседателските избори следната година се енигма. Нашата дипломатија мора да дејствува веднаш и да ги искористи овие 24 средби за да ги зацементира позициите пред евентуалните политички земјотреси во Париз и Берлин. Сега притисокот е врз нас, Унијата ни ги отвори вратите на своите престолнини, премиерот Мицкоски истакна дека е исклучително задоволен од средбите со Мерц и Макрон, така што дефинитивно од нашата вештина зависи дали ќе излеземе од чекалницата – заклучуваат нашите соговорници, експерти и дипломати.
































