Илустрација / Фото: Маја Јаневска Илиева

Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците утврди потреба од донесување нов Закон за судска служба и нов Закон за јавнообвинителска служба, со што двата законски предлога добија поддршка во прво читање и продолжуваат во понатамошна собраниска процедура.

Членовите на Комисијата истовремено одлучија пред пленарната седница да се организира јавна расправа за предложените законски решенија, кои се дел од реформската агенда во правосудството.

Предлозите пред пратениците ги образложи заменик-министерот за правда Ален Деребан, кој истакна дека законите се насочени кон зајакнување на независноста, ефикасноста и професионалноста на судската и јавнообвинителската служба.

Според него, една од најзначајните новини во Предлог-законот за судска служба е издвојувањето на судските стручни службеници како посебна категорија вработени во судската власт, со сопствен законски режим и статус на посебни административни службеници.

-Постојниот закон покажа сериозни ограничувања и недоследности бидејќи судските службеници имаа статус на административни службеници, иако нивната улога и одговорности се суштински различни – истакна Деребан.

Комисијата оцени дека предложеното законско решение е прифатливо и овозможи негово продолжување во следната фаза од законодавната постапка.

Поддршка доби и Предлог-законот за јавнообвинителска служба. Деребан посочи дека и во овој закон се предвидува издвојување на јавнообвинителските службеници од категоријата административни службеници и нивно дефинирање како посебна службеничка категорија.

Тој нагласи дека законот предвидува и подобрување на можностите за кариерен развој, особено за правниците и стручниот кадар, како и нов систем за пресметка на платите со цел подобрување на материјалната положба на вработените во јавното обвинителство.

Во текот на расправата, пратениците од опозицијата посочија дека роковите за разгледување на законите биле кратки и најавија активно учество во амандманската расправа со цел подобрување на предложените решенија.

Претседателот на Комисијата, Љупчо Пренџов, ја поддржа иницијативата за организирање јавна расправа, нагласувајќи дека таа ќе придонесе за поголема транспарентност и отчетност во процесот на носење на законите.

-Ја поддржуваме јавната расправа затоа што се залагаме за реформи и за подобра Македонија. Јавноста треба да види дека донесуваме добри закони и дека реформите се спроведуваат на транспарентен начин – рече Пренџов.

Со поддршката во матичната комисија, двата законски предлога влегуваат во следната фаза од собраниската процедура, при што пред нивното понатамошно разгледување ќе биде организирана јавна расправа со вклучување на стручната и пошироката јавност.