Фото: МИА

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не може да ги објасни причините поради кои Бугарија го блокира Акцискиот план за малцинства, но оцени дека станува збор за политика која трае со децении и која, според него, не била навреме препознаена од претходните политички гарнитури во земјава, пренесе МИА.

Одговарајќи на новинарско прашање за време на отворањето на новата фабрика на Макпрогрес во Виница, Мицкоски рече дека дел од поранешните политички елити биле кратковиди и носеле одлуки водени од лични интереси, верувајќи дека со потпишување договори ќе се надминат сите проблеми.

– Не знам. Тоа прашање треба да им го поставите ним. Претпоставувам дека таа политика трае со децении. За жал, некои претходни политички елити кај нас не успеаја да го препознаат тоа и направија сериозни проблеми кои сега треба да ги решаваме еден по еден. Но, ќе продолжиме да се бориме, бидејќи тоа е наша задача. Ништо не доаѓа брзо и лесно, за сè треба да се изборите и да победите. Сме покажале дека знаеме да победуваме и ќе победиме и овој пат, само барам трпение од граѓаните – изјави премиерот.

Тој потсети дека Акцискиот план за малцинства е веќе подготвен и усогласен со експерт ангажиран од Европска комисија, а според неговите информации, неофицијално добил поддршка од 26 земји-членки на Европската Унија.

Мицкоски завчера изјави дека единствената земја која не го поддржува документот е истата држава што се противи и на приклучувањето на земјава кон иницијативата Три мориња, алудирајќи на Бугарија.