ФУДБАЛ – ВО ПРЕСРЕТ НА СП 2026 ВО САД, МЕКСИКО И ВО КАНАДА
- Како и оригиналната најпосакувана награда во фудбалот, трофеите на Карлини прикажуваат две стилизирани човечки фигури што се протегаат нагоре за да поддржат глобус. Но неговите се направени од гипс, а не од 18-каратно злато, пишува АП. „Сепак, тие носат исто чувство на восхит како да се направени од злато“ рече Карлини
Бразилскиот фудбалски навивач и поранешен металург Жарбас Менегини Карлини ја комбинира својата љубов кон спортот со својот бизнис, правејќи реплики на трофејот од светско првенство (СП) во својата работилница во Рио де Жанеиро, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Откако го гледаше тогашниот капитен на Бразил Дунга како триумфално го крева трофејот по четвртата титула на СП 1994, Карлини реши да создаде свој.
– Тие не беа на продажба. Затоа решив самиот да ги направам трофеите. А денес јас сум занаетчија за трофеи – рече тој од својата работилница во Кампо Гранде.
Тој рачно ги прави репликите на трофеите од СП од калапи и ги поминува со боја. Има разни големини, а цената е од околу еден до сто долари. Карлини им ги продава на навивачи и на туристи на блискиот стадион „Маракана“. Но тој им ги подарил трофеите и на ѕвезди, вклучувајќи ги Пеле, Жоржињо и Роналдињо, и ги испратил низ Бразил и низ целиот свет. За да ја објасни емоцијата што толку често е евидентна на лицата на неговите клиенти кога позираат за фотографии со неговите трофеи, Карлини укажува на значењето на трофејот.
– Секој сака да биде светски шампион, секој сака да биде најдобар – рече Карлини, пренесе АП.
Како и оригиналната најпосакувана награда во фудбалот, трофеите на Карлини прикажуваат две стилизирани човечки фигури што се протегаат нагоре за да поддржат глобус. Но неговите се направени од гипс, а не од 18-каратно злато, пишува АП.
– Сепак, тие носат исто чувство на восхит како да се направени од злато – рече Карлини.
Со текот на годините работата се разгранила и сега создава реплики на поранешниот трофеј од СП користен од 1930 до 1970 година, трофејот од Копа Либертадорес, но и златни топки, ракавици и копачки, пишува АП.
– Годините на светско првенство се особено добри за бизнисот – рече Карлини.
Додека земјата се подготвува да ја поддржи репрезентацијата на годинашниот турнир во САД, Канада и во Мексико, Карлини подготви 200 трофеи, но вели дека продажбата би можела да достигне 600 ако Бразил победи. Најголемата земја во Јужна Америка освои пет титули на СП, повеќе од која било друга селекција. Бразилците се познати по својот радосен стил на игра и изведување спектакуларни трикови како што е удар со ножички, рече Карлини, кој се надева дека Бразил пак ќе ја освои титулата годинава, пишува АП.
– Тоа е она што треба да го искористиме на Светското првенство за да станеме шампиони: користете радост, користете уметност – рече тој, пренесе АП. Н.М.

































