Редакциска трилогија: Некои размислувања за иднината на Европа и Европската Унија, по завршувањето на војната во Украина, развиени низ новинарските колегиуми
Повод: Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург под напад на дронови
Нападот со беспилотни летала врз Санкт Петербург, градот што има посебно симболично значење за рускиот претседател Владимир Путин и кој беше домаќин на клучниот Меѓународен економски форум, отвори повеќе прашања отколку што понуди одговори. Руските власти зборуваат за масовен напад врз Ленинградската Област, за десетици соборени дронови, за прекини во воздушниот сообраќај и за безбедносни мерки преземени во екот на еден од најзначајните политичко-економски настани во Русија.
Фотографиите од пожарите и густите облаци чад, ограничувањата на аеродромот „Пулково“ и нарушувањето на нормалното функционирање на градот ја претворија оваа операција од обичен воен инцидент во настан со далекосежни политички, дипломатски и психолошки последици.
Особено внимание привлекува моментот во кој се случува нападот. Во време кога официјално и Москва, и Киев, и Вашингтон декларативно зборуваат за можностите за политичко решение и за различни форми на мировни иницијативи, напад врз град домаќин на еден од најзначајните меѓународни форуми во Русија неминовно добива пошироко геополитичко значење.
КОМУ МУ ОДГОВАРА ЕСКАЛАЦИЈАТА?
Една од најстарите политички максими гласи дека за да се разбере некој настан, потребно е да се постави прашањето: Кому му користи?
Во случајот со Санкт Петербург, вниманието не е насочено само кон непосредните извршители туку и кон политичкиот контекст во кој се случува нападот. Без оглед на тоа кој го планирал, организирал или извел, ефектот е јасен, а тоа е создавање дополнителна тензија во момент кога во меѓународните кругови сè почесто се зборува за можни дипломатски формули за деескалација. Во вакви околности, неизбежно се отвора дебатата за различните центри на моќ во Европа и нивните спротивставени визии за иднината на континентот. Од една страна се оние што сметаат дека конфликтот во Украина треба постепено да биде насочен кон преговарачка маса, дури и по цена на тешки компромиси. Од друга страна се политички структури што веруваат дека продолжувањето на воената конфронтација претставува историска можност за редефинирање на безбедносната архитектура на Европа.
„СТРАТЕГИСКАТА АВТОНОМИЈА“ НА ЕВРОПА
Во последните години, а особено по почетокот на руско-украинската војна, во Брисел сè почесто се користи терминот „стратегиска автономија“. Официјално, концептот се претставува како „поголема способност на Европската Унија самостојно да ги брани своите безбедносни, економски и технолошки интереси без прекумерна зависност од надворешни центри на моќ“. Но критичарите на оваа политика предупредуваат дека зад овој концепт постепено се гради сосема нов модел на европска интеграција, во кој безбедносната и воената компонента добиваат централна улога. Во таа смисла, војната во Украина за дел од европските елити претставува не само безбедносен предизвик туку и можност за политичка трансформација на Европската Унија. Според ова гледиште, кризата служи како механизам за забрзување на процесите што во мирновременски услови би се реализирале многу побавно, а тоа се централизирање на т.н. одбранбени политики, создавање заеднички воени фондови, зголемување на буџетите за вооружување и проширување на надлежностите на европските институции во сферата на безбедноста.
Особено интересен аспект од оваа политика е економската димензија. Имено, Германија, Франција, Полска и неколку други земји членки значително ги зголемија инвестициите во наменската, односно воената индустрија. Производството на муниција, артилериски системи, ракети, противвоздушна одбрана и друга воена опрема станува еден од најбрзо растечките сегменти во европската индустриска структура. Поддржувачите на овој пристап тврдат дека Европа мора да ја обнови сопствената воена способност по децении недоволни вложувања. Но критичарите предупредуваат дека постепено се создава економски модел во кој наменската воена индустрија станува средство за стимулирање на растот и за ублажување на последиците од индустриската стагнација, енергетската криза и од намалената конкурентност на европските економии. Во такви услови се поставува прашањето дали дел од европските политички и економски елити почнуваат да гледаат на конфликтот како на инструмент за индустриска ревитализација.
Милитаризацијата како средство за редефинирање на геополитичката улога на Унијата
Во јавните дебати сè почесто се појавува критика кон она што противниците го нарекуваат „неолиберална бриселска матрица“. Според ова гледиште, европските институции не ја разгледуваат војната само низ призмата на безбедноста туку и како средство за редефинирање на геополитичката улога на Унијата. Критичарите тврдат дека наместо да се концентрираат на дипломатско решение, одредени политички кругови во Европа фаворизираат долгорочна конфронтација, која би овозможила создавање посилна политичка и воена интеграција. Поддржувачите на европската политика, пак, возвраќаат дека помошта за Украина е прашање на принцип, меѓународно право и спречување на идни безбедносни ризици за самиот континент. Така настанува суштинскиот судир меѓу две визии за Европа. Првата ја гледа иднината во дипломатски компромиси и постепена нормализација на односите. Втората смета дека трајниот мир може да се обезбеди само преку долгорочно воено и политичко ослабување на Русија. Токму затоа нападот врз Санкт Петербург добива значење што далеку ги надминува неговите непосредни воени ефекти. Станува збор за симболичен удар врз еден град што е тесно поврзан со руското политичко раководство, но и врз форум што Москва го претставува како доказ дека и покрај санкциите останува значаен глобален економски фактор. Истовремено, ваквите настани ги комплицираат сите обиди за отворање сериозен мировен процес, бидејќи ја зајакнуваат недовербата меѓу страните и ја намалуваат политичката подготвеност за компромис.
ЕВРОПА ПРЕД ИСТОРИСКИ ИЗБОР
Денес континентот можеби се наоѓа пред најважната геополитичка раскрсница по завршувањето на Студената војна. Прашањето повеќе не е само како ќе заврши војната во Украина. Прашањето е каква Европа ќе произлезе од неа. Дали ќе се формира нов безбедносен поредок заснован врз дипломатски договор и рамнотежа на интересите или Европа ќе продолжи да се движи кон модел во кој вооружувањето, воената индустрија и геополитичката конфронтација ќе станат трајни елементи на нејзиниот политички идентитет? Одговорот на ова прашање ќе ја одреди не само судбината на Украина и Русија туку и иднината на целиот европски проект. Во таа смисла, чадот над Санкт Петербург не е само последица на еден напад со дронови. Тој претставува симбол на многу подлабоката борба што денес се води во Европа – борба меѓу логиката на мирот и логиката на геополитичката ескалација. Р.С.
МЕЃУ НАДДРЖАВАТА И ЕВРОПА НА СУВЕРЕНИ НАРОДИ
Војната во Украина и борбата за душата на Европа
Војната во Украина не е само воен судир меѓу две држави. Таа постепено се претвора во судир меѓу две различни визии за иднината на Европа. На едната страна се наоѓа концептот што во изминатите години добива сè поголема поддршка во делови од европскиот политички естаблишмент – Европа како силно интегриран политички и безбедносен центар, способен да настапува како единствен геополитички актер на глобалната сцена. На другата страна стои суверенистичката визија, според која, Европската Унија треба да остане заедница на слободни, рамноправни и суверени држави што доброволно соработуваат во сферата на економијата, трговијата, развојот и заедничкиот просперитет, без создавање наддржавни структури што постепено би ги преземале овластувањата на националните демократии. Во таа смисла, вистинската историска последица од војната во Украина можеби нема да биде определена на фронтот, туку во политичката борба околу прашањето каква Европа ќе се создава во следните децении.
ВОЈНАТА КАКО КАТАЛИЗАТОР НА ЦЕНТРАЛИЗАЦИЈАТА
Кризата во Украина отвори процеси што претходно се движеа многу побавно. Под изговор на потребата од заедничка безбедност, европските институции почнаа да добиваат сè поголема улога во сфери што традиционално биле исклучива надлежност на националните држави. Имено, одбраната, енергетиката, надворешната политика, финансиските механизми и индустриските стратегии сè повеќе се координираат на наднационално ниво. Поддржувачите на ваквиот процес тврдат дека тоа е неопходен одговор на новите геополитички предизвици. Но критичарите предупредуваат дека во пракса се создава систем во кој државите постепено делегираат делови од својот суверенитет кон институции што сè повеќе носат одлуки далеку од националните парламенти и од непосредната волја на граѓаните. Токму затоа за многумина денес не се води дебата само за Украина туку и за иднината на европската демократија.
ДАЛИ ЕВРОПА ТРЕБА ДА СТАНЕ ГЛОБАЛНА СИЛА?
Во последните години сè почесто се слушаат повици Европската Унија да стане самостоен геополитички фактор способен да проектира влијание надвор од своите граници. Зад концептите како „стратегиска автономија“ и „геополитичка Европа“ многумина препознаваат обид Унијата постепено да се трансформира од економска заедница во политичко-безбедносен блок со сопствени глобални амбиции. Но токму тука се отвора суштинското прашање. Дали тоа навистина била првичната идеја на европскиот проект?
Европската интеграција беше замислена како механизам за надминување на историските конфликти преку економска соработка, слободна трговија, заеднички развој и меѓусебна зависност, која ќе ги направи војните невозможни. Нејзината сила произлегуваше од мирот, а не од воената моќ. Нејзината привлечност произлегуваше од просперитетот, а не од геополитичката конфронтација. Оттука, сè поголем број европски политички движења поставуваат прашање дали Европската Унија не се оддалечува од своите темелни принципи.
МИЛИТАРИЗАЦИЈАТА КАКО ПОГРЕШЕН ПАТ
Војната во Украина предизвика драматично зголемување на воените буџети низ Европа. Се градат нови производствени капацитети за оружје, се зголемува производството на муниција и се стимулира развојот на одбранбената индустрија. За едни тоа е логичен одговор на безбедносните предизвици. За други тоа претставува опасност Европа постепено да ја замени политиката на соработка со политика на блоковска конфронтација. Историјата покажува дека долгорочната стабилност на континентот никогаш не била постигнувана преку трки во вооружување, туку преку договори, компромиси и создавање рамнотежа на интересите. Затоа критичарите на актуелните политики предупредуваат дека Европа ризикува да стане заложник на логиката според која секоја нова криза оправдува нова централизација и нова милитаризација.
СУВЕРЕНИСТИЧКАТА АЛТЕРНАТИВА
Суверенистичката визија не подразбира распад на Европската Унија. Напротив. Таа предлага поинаква Европа. Европа во која државите остануваат господари на сопствените политички одлуки. Европа во која различностите не се третираат како проблем, туку како богатство. Европа во која големите држави нема да имаат право да ги наметнуваат своите политички, идеолошки или идентитетски концепти врз помалите членки. Европа во која интеграцијата ќе се темели на почитување на националниот суверенитет, културниот идентитет и демократската волја на народите. Во таков модел Унијата би била платформа за соработка, а не механизам за политичко унифицирање.
ЕВРОПА ОД АТЛАНТИКОТ ДО ЕВРОАЗИЈА
Една од најважните дилеми што ги отвори украинската криза е прашањето за односите со Русија. Без разлика на актуелниот конфликт, географијата останува непроменлива. Русија ќе остане најголемиот сосед на Европа. Исто така, Турција останува еден од најважните политички, економски и безбедносни фактори на континентот. Од таа перспектива, долгорочната стабилност не може да се гради врз трајна конфронтација и нови линии на поделба. Таа може да се гради само врз постепено создавање простор за економска, енергетска и инфраструктурна соработка меѓу европските држави, Русија, Турција и земјите кандидати кои со години чекаат на интеграција. Наместо Европа на блокови, се појавува идејата за Европа на поврзаност. Наместо Европа на исклучување, Европа на инклузија. Наместо Европа на геополитички судири, Европа на заеднички развој.
ВРЕМЕ Е ЗА НОВ ЕВРОПСКИ ДОГОВОР
Војната во Украина несомнено ќе ја промени Европа. Но вистинското прашање е во која насока. Дали континентот ќе тргне кон сè поголема централизација, милитаризација и геополитичко натпреварување? Или ќе ја искористи кризата за враќање кон основната идеја врз која беше создаден европскиот проект – мир преку соработка, просперитет преку економски развој и единство преку почитување на различностите? Во крајна линија, најголемата сила на Европа никогаш не била во нејзините армии. Таа отсекогаш била во способноста различни народи, култури и држави да најдат заеднички интерес без да се откажат од сопствениот идентитет. Токму затоа иднината на Европа нема да зависи само од исходот на војната во Украина. Таа ќе зависи од тоа дали европските народи ќе изберат Европа на суверени држави и соработка или Европа на сè поголема централизација и геополитичка конфронтација. Тоа е вистинската битка што денес се води зад сите фронтови и дипломатски маси. Р.С.
ЕВРОПА ПО УКРАИНА
Нова империја или сојуз на суверени народи?
Историјата покажува дека големите војни ретко завршуваат само со прекин на огнот. Тие речиси секогаш создаваат нови политички поредоци, нови сојузи, нови институции и нови сфери на влијание. Така беше по Наполеоновите војни. Така беше по Првата светска војна. Така беше по Втората светска војна. Така беше и по Студената војна. Затоа вистинското прашање денес не е кога ќе заврши војната во Украина. Вистинското прашање е каква Европа ќе произлезе од неа. Секој ден додека конфликтот трае, зад дипломатските иницијативи, мировните планови и воените операции, се води уште една многу подлабока битка – битка за идниот облик на европскиот континент. Тоа е борба меѓу две визии, кои сè потешко можат да коегзистираат.
РАЃАЊЕТО НА „ГЕОПОЛИТИЧКА ЕВРОПА“
Во последната деценија, а особено по почетокот на војната во Украина, делови од европскиот политички естаблишмент сè почесто зборуваат за потребата од создавање „геополитичка Европа“. Зад овој концепт се крие идејата дека Европската Унија повеќе не смее да биде само економски проект. Според неговите поддржувачи, светот влегува во ера на големи сили, стратешко натпреварување и нови безбедносни предизвици. Во такви услови Европа мора да изгради сопствени капацитети за одбрана, безбедност, енергетска независност и глобално политичко влијание. За нив, украинската војна е доказ дека континентот мора да стане покохезивен, поцентрализиран и поспособен за самостојно дејствување. Од ова гледиште, кризата претставува можност за создавање нова фаза на европската интеграција. Но токму тука започнуваат и најголемите дилеми.
КОЛКУ ЕВРОПА МОЖЕ ДА БИДЕ ЕДИНСТВЕНА?
Европската Унија никогаш не била класична држава. Таа е заедница создадена од народи со различни историски искуства, јазици, религии, политички култури и национални интереси. Токму таа разновидност долго време се сметаше за нејзина најголема сила. Но во последните години сè почесто се појавува впечаток дека се прават обиди различностите да бидат заменети со унифицирани политички модели и централизирани механизми на одлучување. Критичарите на таквите тенденции предупредуваат дека Европа не може да биде стабилна доколку постепено се претвори во структура во која најмоќните држави имаат доминантно влијание врз насоката на целиот континент. Според нив, вистинската сила на Европа отсекогаш лежела во доброволната соработка, а не во политичката хиерархија.
СУВЕРЕНИЗМОТ КАКО ЕВРОПСКА АЛТЕРНАТИВА
Последните години донесоа подем на политички движења што се спротивставуваат на понатамошната централизација. Тие не ја отфрлаат европската соработка. Напротив. Тие предлагаат поинаков модел на интеграција. Во нивната визија Европа треба да биде сојуз на суверени држави што соработуваат таму каде што постои заеднички интерес, но без постепено пренесување на клучните државни надлежности кон наднационални центри на моќ. Во таков систем, секоја држава би го задржала правото самостојно да ги дефинира своите национални интереси, својот културен идентитет и својата политичка иднина. Ова гледиште добива поддршка, особено во државите што стравуваат дека процесите на централизација можат да ги намалат нивната политичка тежина и способност самостојно да носат одлуки.
ПРОШИРУВАЊЕТО КАКО МОЖНОСТ, А НЕ КАКО ИНСТРУМЕНТ
Едно од најчувствителните прашања останува иднината на европското проширување. Во последните години земјите кандидати сè почесто се соочуваат со впечаток дека критериумите за членство стануваат сè покомплексни и понекогаш се прошируваат надвор од класичните економски и демократски стандарди. Оттука се поставува прашањето дали идната Европа ќе биде отворен проект на интеграција или затворен клуб во кој пристапот ќе зависи од политички и идеолошки усогласувања. Алтернативната визија подразбира Европска Унија што ќе ги интегрира државите од Балканот, ќе развива прагматични односи со соседите и ќе го проширува просторот на економска соработка наместо просторот на политички условувања.
РУСИЈА И ТУРЦИЈА: СОСЕДИ ШТО НЕ МОЖАТ ДА СЕ „ИЗБРИШАТ“
Една од најголемите стратешки заблуди на модерната политика е верувањето дека географијата може да се игнорира. Без разлика на сегашните конфликти, Русија ќе остане европски сосед. Исто така, Турција ќе продолжи да биде мост меѓу Европа, Блискиот Исток и Азија. Поради тоа, долгорочната стабилност на континентот не може да се заснова исклучиво врз политика на изолација и конфронтација. Во еден момент Европа повторно ќе мора да размислува за модел на безбедносна и економска архитектура во која ќе постои простор за соработка, трговија, инфраструктурна поврзаност и стабилни односи со сите клучни актери на евроазискиот простор. Не затоа што сите ќе се согласуваат меѓусебно. Туку затоа што долгорочниот мир бара механизми на комуникација дури и меѓу оние што имаат длабоки несогласувања.
ЕВРОПА НА ПРОСПЕРИТЕТОТ ИЛИ ЕВРОПА НА КОНФРОНТАЦИЈАТА
На крајот, сите дебати се сведуваат на едно суштинско прашање. Која е вистинската мисија на Европа во 21 век? Дали таа треба да стане уште еден глобален центар на геополитичка моќ што ќе се натпреварува со другите сили во светот? Или треба да остане простор во кој различни народи доброволно соработуваат заради економски развој, технолошки напредок, културна размена и мирна коегзистенција? Одговорот на ова прашање ќе ја одреди иднината на генерациите што доаѓаат. Затоа војната во Украина не е само конфликт околу територии, сфери на влијание или безбедносни интереси. Таа стана огледало во кое Европа го гледа сопственото лице и се обидува да одлучи што сака да биде. Империја на централизираната моќ или заедница на суверени народи. Геополитички блок или цивилизациски простор на соработка. Токму од тој избор ќе зависи не само иднината на Европската Унија туку и иднината на целиот европски континент, па и на светот, ако сакате. Р.С.

































