Во аналите на меѓународното право ќе остане запаметен случајот со дополнителните нелегални услови за прием на Македонија во членство на Организацијата на Обединетите нации (ООН) како флагрантно кршење на нејзината повелба!
Бидејќи повторувањето е мајка на знаењето, накусо да се потсетиме на стратегијата за решавање на прашањето за името на државата Македонија, која ја понудив уште во 1993 година.
Во постапката за прием во членство на ООН, Република Македонија беше условена со два дополнителни услова надвор од пропишаните со членот 4 од Повелбата на ООН. Со Советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата во Хаг од 1948 година, за недопуштена се смета постапката за прием во членство на ООН со дополнителни услови надвор од општите пропишани во членот 4 од Повелбата на ООН: државата да биде мирољубива и да ја прифаќа Повелбата на ООН! Ова Советодавно мислење на Меѓународниот суд на правдата во Хаг од 1948 година истата година беше прифатено и од Генералното собрание на ООН како толкување на членот 4 од Повелбата на ООН!
Имено, дополнителните услови за прием на државата Македонија во ООН -деноминација и преговори за името, се во спротивност со членот 4 од Повелбата на ООН и со Советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата во Хаг од 1948 година. Овие два дополнителни услова ја надминуваат временската рамка за прием во ООН! Имено, не постои условен прием во ООН!
Оттука, државата Македонија не е рамноправна со другите земји членки на ООН и Генералното собрание на ООН е должно да ја разгледа Резолуцијата за продолжување на членството на државата Македонија во ООН под нејзиното име!
Изборот на сопствено државно име не создава права за таа држава, ниту пак наметнува обврски за други држави! Затоа, името на една држава, само по себе, нема никакво значење во квалификациите што можат да се земат предвид при приемот на таа држава во членство на ООН!
Со првиот модел, државното име Македонија во ООН се воспоставува со Резолуција на Генералното собрание на ООН, врз основа на Советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата во Хаг од 1948 година и фактот дека Република Македонија ја завршила постапката за прием во Советот на безбедност на ООН со ставот: Општите услови за прием се исполнети! Македонија само треба да побара продолжување на членството во ООН под државното име Македонија! Со просто мнозинство од присутните на Генералното собрание на ООН, Македонија може да го продолжи членскиот статус во ООН под државното име Македонија!
Вториот модел подразбира уште еден меѓучекор: Генералното собрание на ООН, како во 1947 година, со резолуција да постави прашање до Меѓународниот суд на правдата во Хаг дали условите за прием на Македонија во ООН се дополнителни во однос на пропишаните во членот 4 од Повелбата на ООН. Меѓународниот суд на правдата во Хаг треба да се прогласи за надлежен и да утврди советодавно мислење, дека при приемот на Македонија во ООН се поставени дополнителни нелегални услови: „Деноминацијата“ поранешна Југословенска Република Македонија и обврската да преговара за сопственото име, односно за сопствениот правен идентитет! По добивање на Советодавното мислење од Меѓународниот суд на правдата во Хаг дека условите за прием на Македонија во ООН се дополнителни и нелегални, Генералното собрание на ООН треба да го прифати и да го елиминира привременото обраќање, односно деноминација „The former Yugoslav Republic of Macedonia“, заедно со нелегалното барање за преговори за името. Со оваа иста резолуција всушност треба да се овозможи правото на државното име во ООН – Република Македонија. Со резолуцијата на Генералното собрание на ООН, членството би било продолжено со државното име Македонија!
Крајно, државното име не се креира со билатерална спогодба, тоа подразбира дека постоел спор, а спорови за името не постојат, поради што ваквите договори се невалидни! Историјата е нерелевантна за името на државите! Секој има право да си ја толкува историјата како што сака, никој нема ексклузивно право врз неа, ниту некој има монопол на друг да му ја ограничува според сопственото читање.
Автор: проф. д-р Игор Јанев

































