Пораки од Персија: Техеран и под воени закани не потпишува бланко-договори, бара гаранции
- Ако Иран, кој се соочува со егзистенцијални воени дејства, одбива еднострана дипломатска авантура со суперсила како САД, зошто од Македонија се очекува во мирнодопски услови да влезе во слепа уличка со Бугарија без никакви гаранции за својот идентитет и за европска иднина?
Во меѓународните односи потпишувањето договор без цврсти и правно обврзувачки гаранции не е дипломатски компромис, туку свесен чекор кон национален хазард. Историјата постојано нè учи дека дури и во ситуации на екстремен геополитички притисок, кога надвиснатата закана бара итни решенија, секоја одговорна држава одбива еднострано да скокне во бездната на неизвесноста. Навидум асиметричните преговори, во кои моќните сили настапуваат од позиција на диктат, за помалите или поранливите актери може да бидат успешни само доколку крајниот исход содржи механизам што ќе ги заштити нивните основни национални интереси и идентитетски столбови. Без таква задршка, секоја уставна или законска отстапка станува бланко-меница за нови уцени.
Токму тоа ѝ се случи на Македонија кога хазардерски се влезе во потпишување на Договорот за пријателство и соработка со Бугарија, а потоа и Преспанската спогодба со Грција, со кои земјава беше доведена во ситуација на постојана уцена во кој било дел од нејзиниот евроинтегративен пат.
Наративите дека „попуштањето под притисок е знак на политичка зрелост“ паѓаат во вода пред реалноста на глобалната сцена, каде што дури и земјите соочени со директни воени и економски кризи категорично одбиваат договори засновани на гола доверба. Суверениот рефлекс на еден народ налага дека легитимните права и државните интереси не се монета за поткупување во замена за магливи ветувања и несигурна иднина. Кога една заедница бара писмени гаранции од своите соговорници, таа не покажува тврдоглавост или деструктивност, туку елементарен инстинкт за самоодржување. Токму затоа, лекцијата што сите ние требаше досега да ја научиме е крајно едноставна и јасна: во дипломатската арена отстапките направени од позиција на наивност и без заштитна мрежа се сигурен рецепт за долгорочен и неповратен национален пораз. Блокираните македонски евроинтеграции се резултат на таквите непромислени политики и немањето сенс во двата договора, и со Бугарија и со Грција, да се вметнат гаранции што ќе значат сигурно членство на земјава во ЕУ.
Галибаф со јасна порака: Без гаранции нема договор!
Дека барањето гаранции не е одраз на нечија тврдоглавост и инаетливост покажуваат сè повеќе примери во светски рамки, каде што дури и држави што се под воена кампања одбиваат да потпишат каков било договор ако за тоа не добијат долгорочни гаранции што ќе ги задоволуваат нивните национални цели.
Тоа покажува само како треба да работи една здрава дипломатија што се води од интересите на сопствената држава, а не од очекувањата на другите страни.
Имено, неодамна претседателот на иранскиот парламент Мохамад Бакер Галибаф, кој го предводи и тимот на Техеран во преговорите со Вашингтон, порача дека Иран нема да прифати никаков договор со САД сè додека не добие целосни гаранции дека ќе бидат заштитени правата и интересите на иранскиот народ.
– Нема да одобриме никаков договор додека не бидеме сигурни дека правата на иранскиот народ се целосно гарантирани – изјави Галибаф во обраќање емитувано на државната телевизија.
Изјавата доаѓа во период кога се појавија информации дека двете страни се приближуваат кон можен договор. Сепак, американските медиуми објавија дека американскиот претседател Доналд Трамп испратил нова, построга верзија на предлог-договорот до иранските власти.
Според извештаите, Вашингтон бара поцврст став по неколку клучни прашања, меѓу кои е и иднината на иранскиот нуклеарен материјал.
Од иранска страна како клучни услови се посочуваат укинувањето на американските санкции и одмрзнувањето на иранските средства што се блокирани во странство.
– Оние што се борат на дипломатски план не веруваат на зборовите и ветувањата на непријателот – нагласи Галибаф.
Зошто македонското барање за гаранции е прашање на опстанок, а не на инает
Изјавата на иранскиот претседател на парламентот Галибаф испраќа јасна порака: дури и во услови на воени закани и тешки санкции, ниту една сериозна држава не потпишува бланко-договори без јасни гаранции за своите национални интереси. Во македонски контекст тоа е директен одговор на дел од домашните и странските критичари што бараат Македонија „брзо и безусловно“ да ги направи уставните измени. Дилемата што се наметнува сега е ако Иран, кој се соочува со егзистенцијални воени дејства, одбива еднострана дипломатска авантура со суперсила како САД, зошто од Македонија се очекува во мирнодопски услови да влезе во слепа уличка со Бугарија без никакви гаранции за својот идентитет и за европска иднина.
Македонија со години правеше еднострани отстапки (промена на знамето и на името, потпишување на Договорот за добрососедство), кои наместо да го затворат прашањето, отворија апетити за нови уцени. Примерот со Иран докажува дека отстапките направени под притисок, без цврст правен штит и гаранции, се рецепт за долгорочен национален пораз.
Македонското барање за одложено дејство на уставните измени или за европски гаранции за македонскиот јазик и идентитет е легитимна одбранбена позиција.
Имено, додека Иран преговара од позиција на заштита на „правата и интересите на својот народ“, на Македонија ѝ се наметнува наратив дека нејзините национални интереси се „пречка“ за нејзината иднина. Оттука се наметнува прашањето: Како е можно меѓународната заедница да го разбира Иран кога бара гаранции од САД, а да не ја разбира Македонија кога бара гаранции дека Бугарија нема да постави 15-то ново вето по уставните измени? Нема никаква дилема дека барањето гаранции од страна на Скопје е единствениот начин да се спречи претворањето на преговарачкиот процес во бесконечна бугарска уцена.
Македонската јавност со децении беше убедувана дека „малите држави мора да попуштат пред големите процеси“. Меѓутоа, примерите со Бугарија (кон САД) и Иран (кон САД) покажуваат дека и во асиметрични односи, суверенитетот се брани со цврст став. Галибаф вели: „Нема да одобриме договор додека не бидеме сигурни“. Оваа теза нагласува дека Македонија конечно мора да ја научи оваа лекција и да излезе од матрицата на политичка наивност. Кога сите бараат гаранции за себе, барањето гаранции од страна на Македонија е знак на политичка зрелост, а не на изолационизам.
Сашо Таневски

































