Фото: ОФМ

ОДБОЈКА – ЕВРОПСКА ЛИГА

Македонија задутре (од 19 часот) во Струмица ќе ја пречека Холандија, во првиот меч од Европската лига, која од годинава е и квалификациска за пласман на ЕП, а в недела ќе игра со Луксембург
Искусниот македонски репрезентативец и интернационалец Александар Љафтов ќе го пропушти учеството во Европската лига (ЕЛ) годинава, откако доби сериозна повреда на скочниот зглоб на пријателскиот меч со Црна Гора во Подгорица, а лекарските прегледи покажаа дека има скинати лигаменти на скочниот зглоб и дека најмалку еден месец ќе паузира, објави Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
– Голем хендикеп за нас. Љафтов со своето искуство, квалитет и со формата во која ја одигра сезонава комплетно подготвен се стави на располагање на репрезентацијата и реално ова е голем удар за нас. Изгледавме многу добро на теренот на првиот натпревар, споредено со лани во овој период, сѐ функционираше одлично. И се случи повредата, откако противнички играч влезе во нашето поле и Љафтов при доскокот згази на него. Остануваме без еден од лидерите на тимот, но ќе комбинираме со она што го имаме на располагање. Следните неколку дена ќе ги искористиме тие две-три опции што ги имаме за да најдеме најдобро решение и да направиме што повеќе комбинации, кои ќе ни помогнат да го пополниме отсуството на Љафтов. Ќе работиме на финесите и на дефинирање на тимот во пресрет на првите два меча. Почнуваме и со анализи на Холандија и на Луксембург, да видиме со какви противници ќе се соочиме и да поставиме тактика со која ќе може соодветно да одговориме на нивната игра – изјави селекторот Јошко Миленкоски, пренесе ОФМ.
Македонија задутре (од 19 часот) во салата „Парк“ во Струмица ќе ја пречека Холандија, во првиот натпревар од Европската лига, која од годинава е и квалификациска за пласман на Европското првенство (ЕП), за шампионатот во 2028 година, а в недела (од 19 ч.) ќе игра со Луксембург.

Г.И.