Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, повика на разгледување на законски измени со кои на централната банка би ѝ се овозможиле дополнителни механизми за заштита на корисниците на платежните услуги и за ограничување на одредени банкарски надоместоци, по примерот на повеќе европски земји, пренесе МИА.
Во објава на социјалната мрежа „Икс“, Славески истакна дека платниот проме претставува услуга што секојдневно ја користат граѓаните и деловниот сектор, поради што прашањето за висината на надоместоците заслужува сериозна јавна и институционална расправа.
Тој посочи дека Народната банка во моментов нема законска надлежност директно да ги регулира надоместоците што ги наплаќаат банките, но оцени дека актуелните случувања ја отвораат потребата од преиспитување и дополнување на постојната законска рамка.
-Актуелните случувања покажуваат дека е потребно да се разгледаат можностите за дополнување на законската рамка, по примерот на повеќе европски земји каде што постојат механизми за заштита на корисниците и обезбедување фер и предвидливи услови за користење на платежните услуги – наведе Славески.
Според него, во голем број европски држави веќе постојат механизми за регулирање или ограничување на одредени банкарски надоместоци, а тие искуства можат да послужат како добра основа за отворање поширока дебата и во земјава.
Целта, нагласува гувернерот, е граѓаните и компаниите да имаат пристап до ефикасни и достапни платежни услуги по разумни надоместоци, во согласност со современите европски стандарди и практики.
Повикот на Славески следува откако четири банки во земјава во изминатите денови најавија зголемување на надоместоците за услугите во платниот промет, што предизвика реакции во јавноста и повторно го отвори прашањето за потребата од посилна заштита на корисниците на банкарските услуги.
































