Повод: Средбата на лоби-претставниците на Советот за албанско-американски односи со американската конгресменка Никол Малиотакис
Средбата на претставниците на Советот за албанско-американски односи со американската конгресменка Никол Малиотакис отвори повеќе прашања отколку што даде одговори. Додека во фокусот на разговорите биле јакнењето на односите меѓу Грција и Косово, регионалната безбедност и влијанијата на големите сили на Балканот, особено внимание привлекува делот во кој претставниците на оваа лоби-организација изразиле „загриженост“ за правата и статусот на Албанците во Македонија (?!).
Кога правата се уставно гарантирани и се спроведуваат, од каде доаѓа наративот за наводна „загрозеност“?!
Според соопштението на претставниците на Советот за албанско-американски односи, тие укажале на потребата од континуиран американски ангажман и следење на спроведувањето на Охридскиот рамковен договор. Но токму тука се наметнува суштинското прашање: Дали навистина постои основа за ваква загриженост?
Дваесет и пет години по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, Македонија претставува пример во регионот за обемот на индивидуални и колективни права што ги ужива албанската заедница. Договорот не остана само политички документ. Неговите клучни одредби беа преточени во голем број законски решенија и уставни амандмани, со што станаа составен дел од правниот и институционалниот поредок на државата.
– Албанскиот јазик денес има широка службена употреба. Албанците се застапени во сите институции на државата, од Владата и Собранието до судството, полицијата, армијата и локалната самоуправа. Постојат универзитети на албански јазик, медиуми, културни институции и широк спектар механизми за заштита и унапредување на етничките права. Оттука, тешко е да се најде сериозен аргумент дека Албанците во Македонија се системски потиснати или дискриминирани како заедница. Напротив, политичката реалност покажува дека албанските партии речиси две децении се неизоставен фактор во формирањето на секоја владина коалиција и директно учествуваат во креирањето на државните политики – вели еден консултиран американски дипломат, кој го даде своето мислење во неврзан брифинг-разговор со колумнист на „Нова Македонија“.
Зошто тогаш во Вашингтон повторно се пласира тезата за потреба од засилен надзор врз состојбата со правата на Албанците во Македонија?
Едно можно објаснување е дека дел од албанските лоби-структури на Балканот и во САД одамна ја надминале агендата на заштита на човековите права и се насочиле кон пошироки геополитички и национални цели. Во таков контекст, одржувањето на наративот за „нерешени прашања“ и „недоволна имплементација“ создава дополнителен простор за политичко влијание и меѓународен притисок.
– Не е случајно што во истото соопштение се говори за наводното влијание на Србија во регионот, за Косово како „едно од најпроамериканските општества во светот“ и за потребата од посилно американско присуство на Западен Балкан. Прашањето за Албанците во Македонија очигледно се вклопува во поширок политички наратив во кој регионалните теми се поврзуваат со стратегиските интереси на различни актери. Не попусто и не изолирано во Македонија се случуваат и настани во низа каде што главните актери се од албанската заедница во Македонија, почнувајќи од активности на сега опозициската ДУИ, преку изрази на протест за јазикот на правосудниот испит, каде што повеќето од протестантите во Скопје дојдоа од Косово и Албанија, демонстрација на фашистичка кореографија (балисти) на спортски настани, па сѐ до создавањето на политичката партија Албанска лига, која со своето име се совпаѓа со некои територијални мегалодржавни аспирации на албанските шовинисти – вели наш соговорник, дипломат во пензија и повремен колумнист.
Создавањето впечаток дека постои нерешено етничко прашање во Македонија носи и сериозен ризик, според нашиот соговорник.
– Дополнително, создавањето впечаток дека постои нерешено етничко прашање во Македонија може да послужи како инструмент за одржување на меѓународното внимание и за добивање политичка поддршка за одредени иницијативи. Но ваквиот пристап носи и сериозен ризик, преку повторување на непотврдени или претерани тврдења се создава искривена слика за состојбите во земјата. Тоа не значи дека Македонија е совршено општество или дека нема проблеми. Има предизвици во владеењето на правото, економијата, корупцијата и функционирањето на институциите. Но тие проблеми ги засегаат сите граѓани, без разлика на нивната етничка припадност. Затоа легитимно е да се постави прашањето дали денешните обвинувања за наводна загрозеност на Албанците во Македонија навистина се темелат на факти или претставуваат дел од поширока политичка стратегија. Ако правата се гарантирани со Уставот, ако постои широка институционална застапеност и ако Охридскиот договор е длабоко вграден во државниот систем, тогаш тврдењата за системско потиснување тешко можат да издржат сериозна анализа – тврди нашиот соговорник.
Во демократските општества критиката е легитимна и потребна. Но исто толку е важно јавноста да прави разлика меѓу реални проблеми и политички конструкции. Во спротивно, под плаштот на „унапредување на правата“ лесно можат да се пласираат и прифатат наративи што повеќе служат за политички цели отколку за вистинска заштита на човековите права. А токму тоа е дилемата што останува да виси по средбата во Вашингтон. Имено, дали станува збор за грижа за човековите права или за уште еден обид Македонија да биде претставена како држава во која постојат проблеми што одамна се надминати?
Што претставува Советот за албанско-американски односи (ААРЦ)?
Советот за албанско-американски односи (ААРЦ) (Albanian American Relations Council – AARC) е албанско-американска застапувачка и лобистичка организација, која се декларира дека „работи на унапредување на односите меѓу албанската дијаспора и американските институции, како и на промовирање на интересите на албанската заедница во САД и на Балканот. Советот за албанско-американски односи е непартиска организација со седиште во САД, чија главна цел е зајакнување на врските меѓу албанската дијаспора и американските институции. Организацијата работи на промовирање на интересите на албанско-американската заедница и поттикнување на нејзиното активно учество во американскиот демократски процес. Таа се залага за застапување на албанско-американските интереси пред федералните, државните и локалните власти во САД, а истовремено развива соработка со организации и институции од албанскиот свет и Западен Балкан. Меѓу нејзините активности се организирање средби со носители на политички одлуки, поддршка на иницијативи од граѓанското општество, јакнење на економската и културната соработка и промовирање на регионалната стабилност и развој. Советот го сочинуваат истакнати претставници на албанско-американската заедница. На негово чело е претседателот Мартил Вулај, додека претседател на Управниот одбор е Ели Руси. Во раководството се и секретарот Бурим Реџај, потпретседателот Тони Марку, заедно со членови на одборот и советници од различни професионални области. Тие, преку своите активности, имаат комуникација со американски конгресмени, сенатори и други функционери, промовираат политики што ги поддржуваат интересите на Албанците во САД и на Балканот, а организираат настани, средби и јавни кампањи. Поради овие активности, може да се каже дека ААРЦ функционира како лоби-група или застапувачка организација на албанско-американската заедница, слично како што постојат грчко-американски, ерменско-американски, еврејско-американски или други етнички организации што ги претставуваат интересите на своите заедници во Вашингтон. За потсетување, во САД постои уште една мошне активна лоби-група, а тоа е Албанско-американската цивилна лига (ААЦЛ), која е постара и многу попозната организација. Основана е во 1989 година од Џо Диогарди, поранешен американски конгресмен. Таа долго време беше една од најактивните албански лоби-организации во Вашингтон, особено во периодот на кризата во Косово во 1990-тите. Нејзиниот фокус традиционално е насочен кон прашања поврзани со Косово, правата на Албанците на Балканот и американската политика кон регионот.
Д.Ст.
Редакциска опсервација
ИМА ЛИ КРАЈ НА МИТОТ ЗА „ЗАГРОЗЕНИТЕ АЛБАНЦИ“ ВО МАКЕДОНИЈА?
Кога фактите не се совпаѓаат со политикантските агенди, се измислува нова „загриженост“
- Колку пати една невистина треба да се повтори за да стане вистина? Речиси четврт век по Охридскиот договор, Македонија е држава во која правата на албанската заедница не само што се признаени туку се институционализирани, уставно гарантирани и законски заштитени во размери што ретко можат да се најдат во Европа
Секогаш кога ќе се помисли дека Балканот конечно почнува да се ослободува од старите политички митови, од некој кабинет во странство или од некоја лоби-група повторно се појавува истата приказна. „Албанците во Македонија биле загрозени, потиснати, обесправени и им бил потребен дополнителен меѓународен надзор за да ги заштити…“(!?) Последниот пример доаѓа од средбата на претставници на Советот за албанско-американски односи со американската конгресменка Никол Малиотакис, каде што повторно е пласирана тезата за наводна загриженост околу статусот на Албанците во Македонија и потребата од следење на спроведувањето на Охридскиот рамковен договор. Но колку пати една невистина треба да се повтори за да стане вистина? Речиси четврт век по Охридскиот договор, Македонија е држава во која правата на албанската заедница не само што се признаени туку се институционализирани, уставно гарантирани и законски заштитени во размери што ретко можат да се најдат во Европа. Албанскиот јазик има широка службена употреба. Албанците имаат сопствени универзитети, национални медиуми, културни институции и политички партии што се дел од секој значаен политички процес во државата. Албански политичари раководеле со клучни министерства, со Собранието, со дипломатски мисии и со најважни државни институции. Во која друга европска држава малцинска заедница располага со толку широк институционален и политички капацитет? И каде има толку многу начини да се интегрира таа заедница во системот? И таа го одбива тоа?! Токму затоа тврдењата за системска дискриминација не се само политички спорни. Тие се во директен судир со фактите. Она што особено загрижува е обидот преку вакви наративи пред американската јавност и политичките центри да се создаде впечаток дека Македонија претставува некакво жариште на етничка неправда. Тоа едноставно не одговара на реалноста. Да бидеме јасни. Точно дека во Македонија постојат предизвици на кои треба да се поработи. Но тие не се од етнички карактер. Тие се проблеми поврзани со корупција, нефункционални институции, партизација, иселување на младите и економска стагнација. Со тие проблеми секојдневно се соочуваат Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи и Бошњаци еднакво. Затоа е легитимно да се праша: Кому му е потребна приказната за „загрозените Албанци“? Одговорот можеби лежи токму во политичката употребна вредност на таквите тврдења. Ако нема реална криза, тогаш треба да се создаде впечаток дека постои. Ако нема дискриминација, тогаш треба да се бараат нови формулации со кои ќе се одржува чувството на незавршен процес и постојана неправда. Ако има легални и легитимни начини и понуда за интегрирање во системот, а некои етнички елити одбиваат да го видат и да го пренесат тоа, тогаш проблемот лежи на друго место. Имено, на тој начин некои лоби-структури ги оправдуваат сопствената политичка улога, сопственото постоење и сопствените агенди. Зашто многу е потешко да се собира политичко влијание околу успешна приказна отколку околу наводна жртва што постојано треба да биде „заштитувана“. Но Македонија не смее да молчи кога за неа се шират искривени претстави. Не затоа што критиката треба да се замолчи. Напротив. Секоја држава мора да биде подложна на критика. Но критиката мора да биде заснована врз факти, а не врз политички конструкции. Значи, кога некој тврди дека Албанците во Македонија се потиснати, треба да одговори на едноставно прашање: Кои права им се одземени? Кои институции им се забранети? Кој закон ги дискриминира? Кој уставен механизам ги исклучува од политичкиот живот? Одговори на овие прашања речиси никогаш нема. И токму затоа приказната за „загрозените Албанци“ сè повеќе наликува на политички мит што опстојува единствено затоа што некому му е корисен. Македонија има многу реални предизвици. Но измислувањето нови етнички проблеми таму каде што институциите, Уставот и политичката практика одамна ги имаат надминато не е придонес за демократијата. Тоа е придонес за недоверба, за нови поделби и за одржување стари балкански агенди што одамна требаше да останат во минатото. Време е фактите конечно да добијат поголема тежина од лобистичките соопштенија.
Р.Н.М.
































