Американската војска соопшти дека извршила нови воздушни напади врз цели во Иран, наведувајќи дека станува збор за акција на „самоодбрана“ по соборувањето на американско беспилотно летало, пренесе „Ројтерс“.
Според Централна команда на САД, нападнати биле радарски системи и командно-контролни центри за управување со беспилотни летала во Горук и на островот Кешм, лоцирани во стратешки важната Ормуска Теснина.
Вашингтон тврди дека иранските сили собориле американско беспилотно летало од типот MQ-1 кое, според американската страна, се наоѓало во меѓународен воздушен простор. Нападите се претставени како директен одговор на, како што наведуваат американските власти, „агресивните активности“ на Иран во регионот.
Ова е трето посериозно нарушување на примирјето меѓу Соединети Американски Држави и Иран, кое беше договорено на почетокот на април. Во претходните инциденти двете страни се обидоа да ја намалат важноста на меѓусебните воени дејствија за да се зачува договорениот прекин на огнот.
Новата ескалација доаѓа во време кога администрацијата на Доналд Трамп и иранското раководство водат интензивни дипломатски контакти со цел постигнување потраен договор и обезбедување непречен трговски сообраќај низ Ормуската Теснина – една од најважните светски рути за транспорт на нафта и природен гас.
Најновите судири дополнително ја зголемуваат неизвесноста околу иднината на преговорите и стабилноста во регионот на Блискиот Исток.
































