Омаж за Анте Поповски
На 3 јуни 1931 година, е роден великанот на македонската поезија и мој учител, неповторливиот Анте Поповски. Да нема недоразбирање: Анте беше поет, а јас прозаист, но од него научив дека поезијата е праматерија на сите уметности. Без добра метафора нема ни добра проза. Од него научив и еден закон што тој го изрече (во нашите фантазмагорични разговори за уметноста кај „Јоле“) во врска со поезијата, а важи и за добрата проза. Тој закон против празнословието гласи: „Многу зборови кај лош поет се секогаш малку и му требаат уште. А малку зборови кај добар поет се сосема доволно за добра песна“.
Се уверив во тоа, низ векот низ кој пишував. Штом ти недостигаат зборови и ти требаат уште, провери дали ти е точна првата реченица. Дали си почнал од вистинските зборови.
Анте ѝ припаѓаше на славната поетска македонска боемија и ние, тогаш млади студенти (денес сме сите писатели, какви-такви), едвај чекавме да ни завршат часовите на факултетот, за да дојдеме на „попладневна настава“ во „Јоле“. Таму се собираа легендите на нашата книжевност: Петре М. Андреевски, Радован Павловски, Гане Тодоровски, Анте Поповски, Атанас Вангелов… и ние со нетрпение чекавме да дојдат и да нè поканат на нивната маса, за да чуеме понекоја мудрост што не можеше да се чуе на предавањата. Тоа беа златна школа и златно време на нашето книжевно зреење. Кон нас се однесуваа како кон свои деца, но беа строги и непопустливи во судовите: и Петре, и Гане, и Радован, и Вангелов, кој беше и критичар со перо остро како сабја. Единствено Анте беше благ кон нас: тоа не значи дека ни попушташе, туку секогаш се обидуваше мирно да нè поучи и да нѐ убеди во она што го говореше. Неговата „полемика“ не беше пламена, туку тивка, „византиска“, како проповед во храм. И затоа имаше и најсилно влијание, барем врз мене.
Анте веруваше дека кога се чита добра песна, времето сопира. Веруваше дека песната, ако може да го сопре времето, претставува еден вид временска порта што води кон бесмртноста. Тоа беше негова лична поетска религија. И навистина, кога слушавме добри песни на литературни читања, ние заборававме на времетраењето на читањето. Но кога ќе излезеше да чита некој „полупоет“, времето се враќаше и ние го чувствувавме како тече. Тој закон подоцна го опишав и како закон на добрата проза, во мојата лична теорија на книжевноста, „Опијатите на лепословието“. Ако ви се случува да зачитате некоја книга и да задоцните на состанок, тоа значи дека сте влегле во безвременоста, во вечноста, преку порталот на добрата книга.
На такви нешта нè учеше Анте: никогаш не водевме „високостручни“ расправи за поезијата и книжевноста со теоретски термини или интернационализми. Тоа беа суштински разговори меѓу еден мајстор на зборот и неговите ученици. Затоа, Анте нè привлекуваше како магнет. И кога говореше за поезијата, времето стоеше. Тоа го забележав не само јас туку и моите генерациски книжевни другари. Уште кога на тие негови префинети мисли, чиста религија кон уметноста на зборот, ќе се придодаде и оној негов спокоен тон со кој говореше, оние негови питоми очи во кое се гледаше припитомено море од знаења и животни искуства, лузни од завидливците и лошите луѓе – се добиваше навистина фигура на еден светец на поетската реч.
Анте, за разлика од „обичните“ поети – кариеристи, го живееше она што го проповедаше. И филозофите се делат така: на оние што проповедаат некаква животна филозофија, ама не ја живеат, и на оние што ја живеат филозофијата што ја проповедаат. Се сеќавам на две животни епизоди со Анте, чија смисла ја сфатив многу подоцна. Тогаш кога тие две случки се случија, мислев дека немаат никаква посебна смисла. Но како што времето проаѓаше, сфатив дека и тие биле лекции по уметност и дека оној разговор во кој ми рече дека добрата песна има моќ да го сопре времето – продолжил во животот, како еден вид пракса на кажаното. Или, поедноставно и академски кажано – ако тој разговор во „Јоле“ за моќта на песната да нè внесе во вечноста и бар за миг да ја победиме нашата смртност беше предавање, овие две случки што следуваа беа – вежби на истата тема.
Вака беше тоа: од Друштвото на писателите на Македонија пратија делегација во Варшава да потпишеме некаков договор за соработка со Полското друштво. Во таа тричлена делегација, покрај Анте Поповски и Петре Накоски (кој претходно беше и наш амбасадор во Варшава), влегов и јас, од најмладите. Бев пресреќен, но имав голем проблем: јас до тогаш немав летано со авион и многу се плашев, иако имав дваесет и кусур години. А требаше да летаме од Софија за Варшава. Ми беше срам да му кажам на Анте дека се плашам од летање и дури сакав и да се откажам од патувањето, измислувајќи некаква причина. Сепак, желбата да бидам со Анте три дена во Варшава и да го слушам – победи. И, се најдов во авионот. Седев до Анте, Петре седеше зад нас. Се преправав дека не ми е ништо, иако тоа беше многу тешко. Дури, се напив и еден „дијазепам“ пред тоа. И што се случи? Анте почна да ми зборува за поезијата, ама на таков невообичаен начин што ми поставуваше прашања. Како почнувам да пишувам расказ, како го избирам првиот збор, па што мислам за римата во поезијата, па што мислам за лажните поети и по што се препознаваат, па конечно – дека смртта не постои, и дека и песните ни се дадени за да нè потсетуваат на тоа. Потоа се префрли на неговата (исто така вечна, безвремена и никогаш доотсонувана) Македонија, па на иконите, па на записите што ги собираше испишани на маргините од македонските евангелија и црковни книги по манастирите… и одеднаш слушнав глас: „Слетавме во Варшава. Времето е сончево, температурата 20 степени Целзиусови…“
Анте, едноставно го сопре времето. Ме хипнотизираше со својот глас и темите. Немав време да се плашам. Беше вистински маг на зборот. Знам само дека некаде на половина лет почувствувавме силни турбуленции, ама тој рече: „Еве, ова е како лоша песна“ и веднаш ја смени темата – ако Библијата се чита како белетристика од верник, дали е таа за верникот реализам или фантастика? Со такви „пикантни“ и „калорични“ прашања човек заборава на времето и сфаќа дека има МНОГУ ПОКРУПНИ и ПОВАЖНИ НЕШТА од стравот за сопствениот живот. Кога слеговме од авионот, божем случајно праша: „Првпат леташ?“ И јас сфатив дека тој го знаел тоа уште пред да влеземе во авионот. Беше лекар, а тогаш лекарите беа пред сè добри дијагностичари и – психијатри. Денес се сите специјалисти во своето општо незнаење.
Вториот час вежби на темата „Како да се сопре времето“ следуваше по два дена. Дојде време да си заминуваме за Скопје, ама Петре Накоски мораше да заврши една работа во нашата амбасада. Како што ме дал Господ паничар, пресметав дека ако тој отиде таму, може лесно да се случи да го испуштиме летот. Петре замина, а јас и Анте, спакувани, го чекавме во кафеаната на приземјето од Друштвото. Седевме до стаклото, кое гледаше на улицата. Анте забележа дека сум вознемирен, па предложи да се напиеме по една вотка. Но и тоа не помогна: јас само гледав на часовникот и велев: „Уште го нема, ќе задоцниме“. На тоа Анте ми рече: „Ајде да се обложиме во една пијачка. Јас велам дека Петре ќе дојде тогаш, кога крај излогов ќе поминат 218 минувачи. Ти, што велиш?“ Јас реков: „Па, да речеме, 105“. И потоа броевме. Времето застана. Петре се појави некаде меѓу мојот и бројот на Анте, ама јас бев поблиску и Анте должеше пијачка.
Сум го кажувал ова, ама сега го запишувам. Нека си остане запишано. За да се види какви учители имавме ние во книжевноста. Жал ми е што денес многу малку се дружат различните генерации писатели. Се смени веков, секој сам за себе, а и секој мисли дека знае сè и дека не му треба учител. Среќен сум што го имав Анте и што, еве, оставам слово за него. Скромно, ама за мене – важно.

































