- Проф. д-р Елка Јачева-Улчар, ексклузивно за „Нова Македонија“, по повод одбележувањето на Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј – 24 Мај, во две продолженија пишува за историскиот развој на македонскиот јазик, од неговите корени, преку дејноста на средновековните книжевни школи, грамотите и дамаскините како клучни сведоштва, евангелијата на македонски дијалекти, пионерите на македонската културна преродба Јоаким Крчовски и Кирил Пејчиновиќ, Младата македонска книжовна дружина во Софија и списанието „Лоза“, до Првото заседание на АСНОМ и македонскиот јазик во денешно време. Денеска го објавуваме второто продолжение
Во втората половина на XIX век, во Македонија почнува јасно да се оформува мислата за сопствен јазик и национален идентитет, најсилно изразена преку делото на Ѓорѓија Пулевски (1822/23–1893). Самоукиот писател и војник од Галичник прв го именува македонскиот јазик како посебен, обидувајќи се да му даде граматика, речник и историја. Со своите зборови „Наше отачество се велит Македонија и ние се именуваме Македонци“, тој ја формулира идејата за македонската самобитност јасно и политички осмислено. Во своите дела, меѓу кои „Самовила Македонска“ (1878), „Славјанско-населенска македонска слогница речовска“ (1880) и „Славјанско-македонска општа историја“ (1892), Пулевски создава основа за македонската национална идеологија, истакнувајќи дека Македонците се посебен народ со свој јазик кој заслужува кодификација и признавање.
Кон крајот на XIX век, Темко Попов, член на Македонскиот таен комитет во Софија, ја продолжува линијата на Ѓорѓија Пулевски, но уште понагласено ја истакнува политичката димензија на јазикот. Во делото „Кој е крив?“ и во писмото до Д. Баџовиќ (1888), тој отворено се залага за воведување на македонскиот јазик во училиштата, изразувајќи зрела национална самосвест. Неговата позната изјава дека „ни сам Исус Христос да слезит од небоно, не можит да уверит Македонеца оти тој е блгарин или србин“ станува силен манифест на непокорност и потврда на македонската самобитност, јасно одбивајќи го претопувањето под туѓи идентитетски рамки.
Ако Пулевски е идеолог, а Попов – политички активист, Марко Цепенков (1829 –1920) е народниот хроничар и раскажувач, кој со својата едноставност и автентичност го зачувал најнепосредниот израз на македонскиот народен дух. Неговиот прилепски говор станува јазик на неговите записи на песни, приказни и анегдоти. За разлика од образованите интелектуалци, кои понекогаш се обидувале да го „исчистат“ или „возвишат“ јазикот, Цепенков го запишува токму таков каков што се зборувал – жив, шаренолик, со дијалектни особености и фрази. Така, тој станува автентичен чувар на народниот израз, а неговите дела се непроценлив извор за историската македонска лексика и фолклор.
Кон крајот на векот, овој процес добива уште појасна насока со појавата на Младата македонска книжовна дружина во Софија и списанието „Лоза“ (1892). На неговите страници за првпат јавно се применува реформирана македонска ортографија, со фонетски правопис и форми типични за централните говори. Иако „Лоза“ брзо била забранета и нападната во бугарската јавност, нејзиното значење е огромно: тоа е првиот јасен обид да се создаде сопствена македонска норма, различна од бугарската и српската.
Сите овие појави – текстовите со грчка азбука, четирите евангелија од Егејска Македонија, печатените книги на Крчовски и Пејчиновиќ, дијалектните беседи и раскажувачкиот опус на Цепенков, како и правописните експерименти на „Лоза“ – сведочат дека XIX век е пресуден за процесот на понародување на македонската писменост. Овој век ја создава свеста дека народниот јазик не смее да остане ограничен на усната комуникација, туку има право на книжевен статус. Така се поставуваат темелите за делото на Крсте Петков Мисирков и за кодификацијата на македонскиот јазик во XX век што започнува на самиот праг на XX век, кога во 1903 година се појавува неговата мала, но фундаментална книга „За македонцките работи“. Со неа првпат јасно се артикулира идејата за самостојноста на македонскиот јазик и се предлага програма за негова кодификација врз централните дијалекти, со фонетски правопис и аналитичка граматика – принципи што подоцна ќе станат основа на современата норма.
Ова дело, одбиено во своето време и дури игнорирано од тогашните национални пропаганди, подоцна ќе биде препознаено како темел на современата македонистика, а самиот Мисирков ќе стане патрон на целата дисциплина. Но неговата мисла не останала изолирана: уште во меѓувоениот период, под притисок на Друштвото на народите, во Атина во 1925 година бил објавен познатиот „Абецедар“ – прво официјално наставно помагало на македонски јазик, составено на леринско-битолска основа и напишано со латиница. Иако не стигнало да се примени во училиштата поради политички притисоци, самото негово постоење има далекосежно значење, зашто претставува прв меѓународен акт на признавање на македонскиот јазик, на кој ќе се надоврзе и енциклопедиската одредница во Големата советска енциклопедија (1936), составена од славистот Самуил Борисович Бернштејн.
Во исто време, македонскиот јазик и говорите веќе биле предмет на интензивни научни истражувања од водечките европски филолози. Јан Бодуен де Куртене уште во 1877 година ги издвојува македонските говори како посебна целина, а неговите ученици – Крсте Мисирков и Леонард Мазинг (автор на првата докторска дисертација за македонскиот јазик, 1890) – ја продолжуваат таа линија. Рускиот славист Афанасиј Селищев во 1914 година патува низ Македонија и го собира материјалот за своите Очерки по македонской диялектологии (1918), прва систематска карта на македонските говори и прво академско признание на нивната самобитност. Германските научници Макс Фасмер и Ото Франк, преку проучувањето на македонската топонимија, ја потврдуваат автономната структура на јазичниот простор, а уште порано Ватрослав Јагиќ и Ватрослав Облак ги поставуваат темелите на македонската теорија за основата на старословенскиот јазик, издвојувајќи ги токму македонските дијалектни особености како база врз која се изградила првата словенска писмена норма. Во оваа насока се надоврзува и полскиот славист Мјечислав Малецки, кој во своите истражувања од 30-тите години на XX век, особено за солунските и егејските говори, дополнително ја истакнува нивната посебност и значењето што тие го имале во развојот на словенската писменост.
Кон оваа научна линија треба да се спомене и придонесот на Роман Јакобсон, еден од највлијателните лингвисти на XX век, кој забележува дека словенските апостоли Кирил и Методиј го употребиле својот мајчин македонски дијалект за мисионерската работа во Моравија, со што индиректно ја потврдува Македонија како почетна јазична територија на словенската писменост. Сите овие истражувања – од Јагиќ и Облак, преку Селищев и Малецки, до Бернштејн и Јакобсон – создаваат јасна научна рамка во која македонскиот јазик се третира како посебен словенски јазик, историски и лингвистички заснован, а не како политички конструкт од втората половина на XX век.
Кулминацијата на сите овие историски и научни процеси доаѓа со Втората светска војна и со формирањето на македонската држава во рамките на новата југословенска федерација. На Првото заседание на АСНОМ, одржано на 2 август 1944 година во манастирот „Прохор Пчински“, една од првите и најсудбински одлуки е воведувањето на македонскиот јазик како службен јазик на Народна Република Македонија. Со ова, по првпат во историјата, македонскиот јазик добива институционален статус на државен јазик, рамноправен со другите книжевни јазици во Југославија. Само неколку месеци подоцна, во мај 1945 година, новоформираната Државна комисија за азбука и правопис ги утврдува основите на современата македонска азбука и правопис, засновани врз централните дијалекти – пред сè прилепско-битолските – во согласност со принципите што уште во 1903 година ги постави Крсте Петков Мисирков. Овој чин претставува историска пресвртница: јазикот, што со векови живеел во народната традиција, во дијалектите и во книжевните обиди на преродбениците, конечно станува официјално кодифициран литературен јазик.
Научната строгост и културната визија на Блаже Конески, кој со своите граматики, правопис и зборници ја утврди нормата, обезбедуваат стабилна основа за негово натамошно развивање. Така, македонскиот јазик, со длабоки корени во средновековните книжевни школи, со сведоштва во грамотите и дамаскините, со печатените дела на XIX век и со научната афирмација во Европа, конечно се зацврсти како официјален јазик на македонскиот народ и држава.
Брзото прифаќање на македонската азбука и правопис по 1945 година, како и речиси истовремениот развој на сите функционални стилови карактеристични за секој современ стандарден јазик, јасно упатуваат на тоа дека македонскиот јазик не започнал од празно место. Напротив, кодификацијата се надоврзала на веќе оформена дијалектна и писмена традиција, што овозможило стабилизација на јазичната норма за исклучително кратко време. Отсуството на чести и радикални реформи во подоцнежниот период сведочи дека стандардот бил прифатен како природен и функционален, а не како наметната конструкција. Во текот на повеќедеценискиот развој, и покрај поединечни обиди за проблематизирање или дестабилизација, јазичната практика и науката потврдија дека македонската норма е цврста, доследна и отпорна.
Најзабележителниот обид за интервенција во веќе стабилизираната македонска јазична норма се јавува во раните 90-ти години на минатиот век, непосредно пред и по прогласувањето на независноста на Република Македонија. Во тој период група писатели отворија јавна полемика за можноста за воведување нова буква во македонската азбука со која би се бележел т.н. темен вокал, при што како графичка основа беше предложен старословенскиот знак за темниот вокал од заден ред ъ (јор). На страниците на дневниот весник „Нова Македонија“ се водеа расправи во кои неколкумина писатели аргументираа дека вклучувањето на оваа графема би придонесло кон „поавтентично“ претставување на одделни народни говори. Во рамките на овие настојувања, Даниловски во 2000 година го објави романот „Вдув“, во кој доследно ја употребува предложената буква, настојувајќи преку индивидуална авторска практика да ја легитимира нејзината употреба во поширокиот јазичен простор.
Сепак, ваквите предлози не претставуваат новина во историјата на македонската кодификација. Слични идеи биле изнесувани уште во 1944 година, во текот на работата на комисиите за утврдување на македонската азбука и правопис, кога се предлагало вклучување на буквата ъ како средство за бележење на специфични вокалски реализации во дел од македонските говори. И покрај овие предлози, комисиите во 1945 година донесле конечна одлука јорот да не биде вклучен во стандардната македонска азбука.
Зошто? Одговорот е, пред сè, научен и фонолошки. Блаже Конески, кој бил во тек со современите лингвистички правци и со работата на Прашката лингвистичка школа, добро ја применил фонолошката анализа: темниот вокал [ă] нема смисло-разликувачка функција во рамките на минималните парови.
Така, додека замената на рака со мака создава сосема ново значење, формите како пат/пăт или заб/зăб не менуваат семантика, туку само ја означуваат дијалектната разновидност на ист збор. Со други зборови, [ă] е нефункционална фонема, која во различни македонски дијалекти се јавува како континуант на: старословенските полугласови јер и јор (ь и ъ), јери (ы), вокалното л или од носовката од заден ред он (ѫ); сепак, во централните дијалекти – темел на литературната норма – речиси и не се слуша. Оттаму, воведувањето на посебна графема за него би било непотребно, нефункционално и на извесен начин ‒ штетно, во следнава практична смисла: ваквата реформа би подразбирала огромни трошоци и проблеми; не само поради внесувањето на нов знак, туку и поради препечатување на целата литература создадена дотогаш, со ризик да се создаде уште поголема неписменост во општество што и онака се соочува со високи стапки во овој поглед. Не е чудо што македонските лингвисти едногласно го отфрлија овој предлог како научно неоснован и општествено некорисен.
Со ова се потврдува дека решението од 1945 година било целосно исправно: македонската азбука и правопис, утврдени во духот на историската традиција и современата лингвистика, издржаа повеќе од осум децении без потреба од корекции. Токму таа конзистентност претставува едно од најголемите достигнувања на македонската јазична култура – доказ дека стабилноста, цврстината и зрелоста на нормата се резултат не само на политичка волја туку и на длабоко вкоренета писмена традиција и научно утврден јазичен систем.
крај
Проф. д-р Елка Јачева-Улчар
Авторката е научна советничка во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје

































