САД ќе ја задржат поморската блокада на иранските бродови во Ормуски Теснец сè додека не биде потпишан конечен договор со Иран, порача американскиот претседател Доналд Трамп.
-Блокадата ќе остане целосно во сила сè додека договорот не биде постигнат, заверен и потпишан – напиша Трамп на социјалната мрежа Truth Social, додавајќи дека „двете страни мора да одвојат време и тоа да го направат како што треба“.
Иако од иранската Влада засега нема официјален одговор, агенцијата Тасним, поврзана со Иранската револуционерна гарда, објави дека САД и натаму создаваат пречки во преговорите, особено околу барањето на Техеран за ослободување на замрзнатите средства.
Трамп претходно изјави дека САД и Иран во голема мера усогласиле меморандум за разбирање што треба да биде основа за мировен договор и повторно отворање на Ормускиот Теснец, клучен за глобалните испораки на нафта и течен природен гас.
Според висок претставник на американската администрација, преговарачите би имале рок од 60 дена за постигнување конечен договор. Тој, под услов на анонимност, изјавил дека Иран „начелно“ се согласил да го отвори Ормускиот Теснец во замена за укинување на американската поморска блокада и да се ослободи од високо збогатениот ураниум.
Американската страна тврди дека иранскиот врховен лидер Моџтаба Хамнеи го одобрил поширокиот рамковен договор, но од Техеран засега нема официјална потврда.
Според информациите, Вашингтон прво би инсистирал на повторно отворање на теснецот и укинување на блокадата, додека разговорите за деталите околу иранската нуклеарна програма би продолжиле подоцна.
Ирански извори за Ројтерс изјавиле дека се разгледуваат можни решенија за резервите на високо збогатен ураниум, вклучително и негово разредување под надзор на агенцијата на Обединети нации за нуклеарен надзор.
Кревкото примирје меѓу двете страни е во сила од почетокот на април, но и понатаму постојат несогласувања околу иранската нуклеарна програма, санкциите, замрзнатите средства и конфликтите во регионот, вклучително и војната во Либан против движењето Хезболах.
































