Белгиското Обвинителство потврди дека почнало истрага за наводно учество на белгиски државјани во т.н. „човечко сафари“ за време на војната во Босна во 90-тите години од минатиот век.
Според италијанско новинарско истражување, во текот на опсадата на Сараево таканаречени воени туристи од повеќе земји им плаќале на босанските Срби за да пукаат врз цивили.
Поранешниот италијански магистрат, Гвидо Салвини, кој учествувал во истражувањето, изјави дека меѓу нив имало државјани на Белгија, Франција, Германија и други земји.
Според италијанскиот дневен весник „Ил Џорнале“, таканаречените воени туристи плаќале и до сто илјади евра дневно за да учествуваат во пукање врз цивили.
Опсадата на Сараево траеше 44 месеци, од април 1992 до декември 1995 година, и е најдолгата опсада во современата историја.
Во тој период во Босна и Херцеговина беа убиени речиси 11.500 лица при самата опсада, а вкупниот број жртви од конфликтот достигна речиси сто илјади, од кои значителен дел цивили.


































