Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во интервјуто за Македонското радио на 14 мај 2026 година рече: „Иако е спротивен на меѓународното и домашното право, Преспанскиот договор денес е реалност. Сепак, договорот го потврдува постоењето на македонскиот народ, јазик и култура!“ За жал, претседателката ништо не рече, затоа што тоа што го тврди во договорот го нема, ами се претпоставува! Уште помалку, изјавата на претседателката не значи рехабилитација на СДСМ, Зоран Заев и Никола Димитров, каква што е нивната реторика денес! И со изјавата на претседателката и без изјавата на претседателката, велепредавството и натаму останува! Затоа што спогодбата Димитров-Коѕијас од 17 јуни 2018 година го санкционира Букурешкиот договор од 10 август 1913 година со цел Македонија од држава да стане територија без македонски народ и историја чии администратори ќе бидат Атина и Софија. За велепредавниците, кога и да е, ќе судат историјата, народот и правдата. За велепредавство, геноцид и злосторство против човештвото што не застарува, неизбежни се – доживотен затвор и конфискација на личниот имот и имотот на членовите на семејството дома и во светот – на членовите на Владата и Собранието што ја гласаа спогодбата Димитров-Коѕијас!
За да бидат работите појасни: Во членот 7.3.г од спогодбата Димитров-Коѕијас пишува: „Термините ‘Македонија’ и ‘македонски’ го имаат значењето дадено во членот 7 од оваа Спогодба“.
А, во членот 7 пишува „1. Страните прифаќаат дека нивното разбирање на термините ‘Македонија’ и ‘македонски’ се однесува на различен историски контекст и културно наследство. 2. Во однос на Првата страна, овие термини ја означуваат не само областа и народот во северниот регион на Првата страна, туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денешен ден. 3. Во однос на Втората страна, овие термини ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство кои се особено различни од оние кои се наведени во членот 7, став (2)“.
Ако има народ и во северниот регион на Грција и народ на Втората страна, за кои спогодбата вели дека се различни, тогаш кои се „граѓаните на Северна Македонија“, имајќи предвид дека ексклузивното право врз културата и историјата на Македонија, Заев ѝ го подари односно продаде на Грција со спогодбата Димитров-Коѕијас, иако Грција за првпат во својата историја ја окупира Македонија во Балканските војни 1912 година? Злосторничко здружение и висока корупција. До Балканските војни, Атина била под планината Олимп! Со декрет на грчкиот инороден крал, Данецот Ѓорѓиос Први, издаден на 31 октомври 1912 година, до грчкиот премиер Елефтериос Венизелос, се задолжува Владата во Атина да воспостави времена управа врз окупираните територии во Македонија! Но за цел свет сега Грците се Македонци, а ние „северномакедонци“. Го разбирате ли подметнувањето на Гордана, која рече дека спогодбата го потврдува постоењето на македонскиот народ, ама тоа никаде не го пишува во спогодбата!
Во спогодбата Димитров-Коѕијас никаде не се зборува за постоењето на македонскиот народ, ниту како демос, воопшто пак како етнос! Се зборува за елинската цивилизација во северниот регион на Грција од антиката до денешен ден! А за народот што живее во Втората страна, се преговара и договара со Владата во Софија, според договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година. За Бугарија има само македонски Бугари во Северна Македонија или југозападни Бугари, така тврди Красимир Каракачанов, претседателот на бугарското ВМРО-БНД, поранешен министер за одбрана на Бугарија.
Да, ние велиме – ние Македонците, за да ја одржиме меморијата за идентитетот, бидејќи велепредавството е во спротивност со слободно изразената волја на македонскиот народ, и како демос и како етнос, историски и со одлуките на двата референдума од 8 септември 1991 година и 30 септември 2018 година! Впрочем, во светот името не ви служи сами да се довикувате пред огледало, туку цел свет да ве препознае – тоа е вашиот идентитет – тоа е вашиот ИД!
И не сме Македонци поради Македонија, туку Македонија е поради Македонците – си создале држава што била империја со цивилизација!
Прво, по меѓународно право, името на државата е идентитетот на нацијата, односно народот. Промената на името на државата по автоматизам го менува името на нацијата, односно народот!
Второ, со билатерален договор не може да менувате правопис на службен јазик на трета страна! Во англискиот јазик, придавка од композитно име од две именки е двата збора заедно! И затоа не е ниту лингвистичка акробација или ментална грешка: Од композитното име од две именки – „North“ и „Macedonia“ како „North Macedonia“ придавката е „Northmacedonian“ (северномакедонски или северномакедонец). Името не е дури ни „Северна Македонија“ (Northern Macedonia), бидејќи придавката „северна“ на англиски јазик е „Northern“, а не именката „North“ (Север). Зборот „North“ во англискиот јазик е именка и значи „Север“. Да, во англискиот јазик некои зборови се и именка и придавка, во зависност од контекстот на реченицата. На пример, зборот „Macedonian“ во англискиот јазик е и именка (Македонец) и придавка (Македонски/а/о), исто како и зборот „Northmacedonian“ (северномакедонец или северномакедонски/а/о). Ама, во правописот на македонскиот јазик има строго правило – именката е именка, придавката е придавка, во македонскиот јазик не може ист збор да биде и именка и придавка, независно од контекстот на реченицата! Како што граѓаните на државата со композитно име „Црна Гора“ не ги именуваме за „Црни Горци“ туку „Црногорци“, така и за англичаните и светот граѓаните на државата „Северна Македонија“ не се „Северни Македонци“, туку „северномакедонци“, се лутеле некои или не!
Кога се воведоа биометриските лични исправи, во пасошите и во личните карти, во графата „државјанство“ (nationality) стоеше само „Macedonian“ (Македонско). Никој во Македонија не протестираше, иако „Macedonian“ во англискиот јазик значи и придавка (Македонски/а/о) и именка (Македонец).
Меѓутоа, бидејќи булументата на СДСМ со шарлатанот Зоран Заев прифати промена на името на државата Македонија во „North Macedonia“ ерга омнес, за дома и во светот и за секоја употреба, при донесувањето на Уставниот закон за спроведување на амандманите 33, 34, 35 и 36 за имплементација на спогодбата Димитров-Коѕијас во Уставот, на седницата на Собранието одржана на 11 јануари 2019 година, беше предложен амандман, кој Уставната комисија го прифати – за прецизирање на формулацијата „Државјанството ќе биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија“, односно да се појасни дека „македонско“ не означува етничко потекло, туку само државјанство!
Амандманот на Уставната комисија гласи: „Од денот на влегувањето во сила на Амандманот 33 (со кој се менува името на државата Македонија во „северна Македонија“, м.з.), државјанството ќе биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, ШТО НЕ ЈА ОПРЕДЕЛУВА НИТУ ЈА ПРЕДОДРЕДУВА ЕТНИЧКАТА ПРИПАДНОСТ НА ГРАЃАНИТЕ“.
Иронијата да биде поголема, врз основа на членот 2 став 2 од Уставниот закон за спроведување на амандманите од 33 до 36 на Уставот на Република Македонија донесени на 11 јануари 2019, Никола Димитров, тогаш министер за надворешни работи, експресно, замислете ја неговата сервилност во однос на тоа како сега се фали со Гордана дека бил во право а не бил, на 16 јануари 2019 година испрати писмена нота број 02-1407/1 до грчкото Министерство за надворешни работи, со која ги информира, дека се исполнети сите законски услови пропишани со Преспанскиот договор за ставање крај на деценискиот спор за името! Во нотата, Никола Димитров дава објаснување што значи „Macedonian“ во Преспанскиот договор од 17 јуни 2018. Во нотата се потврдува дека македонско, македонски, Macedonian не значи етничко потекло туку само државјанство! Имено, Македонија со писмото до грчката страна се согласила, означувањето за nationality во кое ќе стои „Macedonian/citizen of the Republic of North Macedonia“ во согласност со Преспанскиот договор, да се однесува исклучиво на државјанство, а не на етничката припадност!
„Во духот на договорот, терминот националност на Втората страна дефинирана во членот 1 (3) (б) од Договорот како ‘Macedonian/citizen of the Republic of North Macedonia’, односно ‘Македонско/граѓанин на Република Северна Македонија’ се однесува само на државјанството, а не го дефинира етносот или однапред ja определува етничката припадност, како што e тоа пропишано во членот 2 став (2) од Уставниот закон за спроведување на амандманите 33, 34, 35 и 36 на Уставот на Република Македонија“, напишал Никола Димитров во нотата до грчкото министерство за надворешни работи.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас, пак, за време на расправата во грчкиот парламент за доверба на неговата влада поради спогодбата со Македонија, пред пратениците ја прочита нотата со дообјаснувањето од Никола Димитров: „Соседите освен што известуваат, имаат и толкувачка изјава, односно ги појаснуваат деловите поврзани со јазикот и државјанството. Што појаснуваат нашите соседи во овој текст што е правно обврзувачки и ги повторува обврските што произлегуваат од договорот? Прво, дека терминот nationality се однесува исклучиво на државјанството и не го дефинира или сугерира прашањето на етничката припадност. И второ, јазикот на нашите соседи, како што е споменато во договорот и е признаен на конференцијата на ОН во 1977 година, припаѓа на групата јужнословенски јазици“.
Најважното: Идентитетот не е само јазикот, туку пред сѐ името, народот, јазикот, културата, историјата на државата заедно! Затоа, кога СДСМ вели дека идентитетот е бетониран со спогодбата со Грција, а ВМРО-ДПМНЕ бара гаранции за идентитетот во преговорите со Бугарија за членство во Европската Унија, едно забораваат: Идентитетот на македонскиот народ веќе е променет со спогодбата со Грција!
Со горенаведеното, тврдењето на СДСМ, Венко Филипче и Никола Димитров дека, со спогодбата Димитров-Коѕијас македонскиот идентитет е бетониран, изјавата на Гордана како алиби за амнестија од велепредавство е пародија, претставува лага! Арно ама, штафетата од Атина ја презеде Софија и сега таа ја продолжува играта, како што призна своевремено Зоран Заев во интервјуто на Радио Канал 77: „Наместо македонска историја, Софија инсистира да стои ‘историјата на Република Северна Македонија’ и секаде да биде така!“ Затоа што за Софија Македонците се Бугари, дел од бугарскиот народ. Тоа го бараат и во македонскиот устав! Ако Бугарија е матична држава на бугарскиот народ, „делот од бугарскиот народ“ во Уставот на Македонија ќе бидат сите Македонци заедно! Тоа долгорочно ќе ја демонтира државноста на Македонија. Приказна за мали деца е дека Бугари во македонскиот устав прави разлика меѓу македонскиот народ и бугарскиот народ. Во време кога во Софија се дебатира за корените на Бугарите во Татарстан, Кина и Монголија, прокламацијата „етнички Бугари“ во Македонија од страна на софиските врховисти е лудост! Особено затоа што во Уставот на Бугарија „бугарскиот народ“ е спомнат само еднаш во преамбулата, со дополнително образложение дека „бугарскиот народ“ во Уставот на Бугарија не е етнос, туку демос, сите граѓани на државата Бугарија независно од етничкото потекло!
Значи, со Преспанскиот договор: не се признава етничката припадност на Македонците; на Атина ѝ се дава ексклузивното право врз културата и историјата на Македонија, територија што за првпат во својата историја ја окупира со Балканските војни во 1912 година; се брише постоењето на Македонците во Грција; се менува името на државата Македонија; се менува идентитетот на македонскиот народ; се менува македонското државјанство; се дерогира македонскиот јазик; се забранува употребата на придавката од именката Македонија; се врши ревизија на македонската историја – сега Атина ќе ни пишува учебници по историја за Македонците и за Македонија! И сето ова, претставува преседан во светската историја на народите и државите!
А тврдењето на Сиљановска дека „не се забранува ниту, пак, може да се забрани употребата на придавката македонски. Впрочем, тоа е и дел од самиот договор“, паѓа во вода со членот 1.3.ѓ од спогодбата: „Придавката во однос на државата, нејзините службени органи и други јавни институции ќе биде во согласност со официјалното име на Втората страна или со нејзиното скратено име, односно ‘на Република Северна Македонија’ или ‘на Северна Македонија’. Други употреби на придавката, вклучително и употребата на придавката во однос на приватни ентитети и актери, кои не се поврзани со државата и јавните ентитети, кои не се основани со закон и не добиваат финансиска поддршка од државата за активности надвор од државата, можат да бидат во согласност со членот 7, став (3) и (4). Употребата на придавката за активности може да биде во согласност со членот 7, став (3) и (4). Ова не влијае на процесот воспоставен според членот 1, став 3 (ж) и на постојните сложени имиња на градовите на датумот на потпишување на оваа Спогодба“. Владата на сите државни и јавни установи, претпријатија и институции ја избриша придавката од именката Македонија и ги обезличи, нацијата ја посрамоти! Владата на СДСМ не дозволуваше регистрација на здруженија на граѓани без некрологот „северна“!
За ова да не биде вака, потребно е итно и безусловно еднострано раскинување на спогодбата Димитров-Коѕијас со изјава на министерот за надворешни работи, премиерот или претседателот, без процедури во Собранието, со достава на писмена нота до Владата во Атина и до генералниот секретар на ООН во која се вели: Македонија еднострано го раскинува Преспанскиот договор од 17 јуни 2018, и членството во ООН го продолжува како држава Македонија!
Преспанскиот договор е ништовен според членот 53 од Виенската конвенција за договорно право од 23 мај 1969, кој овозможува еднострано (унилатерално) раскинување меѓународен договор кога тој е во спротивност со императивната норма јус когенс на меѓународното право! Имено, со билатерален договор не може да се менува меѓународното право: Со договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 и спогодбата Димитров-Коѕијас од 17 јуни 2018 не може да се суспендира веќе апсолвираното неотуѓиво, неприкосновено и неотстапно универзално право на македонскиот народ на самоопределување и самоидентификација – на држава Македонија, утврдено и со Повелбата на ООН и со Универзалната декларација за човековите права! Врз основа на правното наследство од поранешна СФР Југославија, Република Македонија е основач на ООН од 19 октомври 1945 година!
И уште нешто, никој не шета по светот со спогодба или резолуција под мишка, како потврда на неговиот идентитет – идентитетот е запишан во пасошот или личната карта. А во пасошот нема графа етничко потекло (ethnicity), туку само државјанство (nationality)! Ако пасошот е на државата Франција, вие сте Французин, ако пасошот е на државата Германија, вие сте Германец, ако пасошот е на државата Кина, вие сте Кинез, ако пасошот е на државата Нов Зеланд, вие сте Новозеланѓанец…
ЕУ и НАТО не се достојни за промена на името на државата и идентитетот на нацијата, односно народот! За жал, и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ги суспендираа одлуките на референдумот од 8 септември 1991 и 30 септември 2018!
Решението за излез од ова агонија е многу едноставно, итно и безусловно: (1) еднострано раскинување на договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 со протоколот Османи-Генчовска од 17 јули 2022 и спогодбата Димитров-Коѕијас од 17 јуни 2018; (2) еднострано распуштање на меѓувладините македонско-бугарска и македонско-грчка комисија за ревизија на македонската историја; и (3) продолжување на членството во ООН под единственото државно, историско и генеричко име што се состои само од еден единствен збор – зборот Македонија! Сѐ друго е манипулација, висока корупција, злосторничко здружение, колаборационизам и врховизам!
Иронијата да биде поголема, Никола Димитров го обвинува Бујар Османи дека предавството кон Бугарија е во вториот протокол од 17 јули 2022 потпишан од Османи, а Бујар Османи го обвинува на Никола Димитров дека предавството кон Бугарија е во првиот протокол од 10 јуни 2019 потпишан од Димитров.
Никогаш северна, само Македонија вечна од исконот до бескрајот!
Тодор Петров
































