Фото: ЕПА

ТЕНИС

  • Освојувањето на секоја титула на мастерс-турнирите од серијата 1.000 бара совршенство насекаде, бавна земјена подлога, брзи тврди терени, надморска височина, влажност, во затворен и во отворен простор. Клубот „златен мастерс“ преку Синер доби втор член покрај Ѓоковиќ, кој, пак, е единствен што двапати го освои т.н. златен мастерс на кариерата

Се претпоставува дека составувањето на т.н. златен мастерс во кариерата ќе одземе време. Откако серијата мастерс-турнир од серијата 1.000 беше воведена во 1990 година, таа стана еден од врвните терени за докажување во спортот, девет турнири, услови и континенти што откриваат кој навистина може да го совлада секој предизвик, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци. Речиси една деценија, подвигот за освојување на сите девет титули му припаѓаше на Новак Ѓоковиќ, кој ја заврши задачата во Синсинати во 2018 година. Никој не го сторил тоа пред него. Потоа дојде и Јаник Синер. Како 17-годишен со вајлд-карта во Рим во 2019 година, тој ја забележа својата прва победа, две години подоцна стигна до своето прво финале, во Мајами, својот прв трофеј го освои во Торонто во 2023 година, а помалку од три години подоцна, во Рим, Синер стоеше со последниот трофеј што му недостигаше во рацете откако го победи Каспер Руд во шампионскиот натпревар на тој турнир.
Клубот „златен мастерс“ одеднаш доби втор член покрај Ѓоковиќ, кој има рекордни 40 титули од мастерс-турнирите, пишува АТП. Брзиот почеток на Синер во 2026 година, за време на кој ги освои сите пет мастерс-турнири пред Ролан Гарос, ја дефинира неуморната доминација на која тенисот се навикна од играчот број 1 на ранг-листата на АТП.
– Не играм за рекорди. Јас само играм за мојата приказна – рече Синер по победата во четврт-финалето во Рим, пренесе АТП.
Освојувањето на секоја титула на мастерс-турнирите бара совршенство насекаде, бавна земјена подлога, брзи тврди терени, надморска височина, влажност, во затворен и во отворен простор. Дури и најголемите играчи во историјата оставиле празнини, сѐ додека Ѓоковиќ не го затвори кругот во Синсинати, пишува АТП. Тој ја освои својата прва мастерс-титула во Мајами во 2007 година, а 11 години подоцна ја комплетира колекцијата со победата во финалето со Роже Федерер во 2018 година. Дотогаш, тој веќе собра 30 круни на мастерс-турнирите од серијата 1.000 и не застана тука, подоцна стана првиот тенисер што двапати го освои т.н. златен мастерс на кариерата, поставувајќи стандард што уште важи за едно од најголемите достигнувања на турнејата, пишува АТП. Синер го комплетира сетот со 10. мастерс-титула. Помеѓу август 2023 и мај 2026 година, Синер има резултат од 10-2 во финалињата, според индексот на победи/порази на Инфосис АТП. ​Патем, со освојувањето на трофејот во Индијан Велс и во Мајами годинава, тој стана првиот играч во историјата што ги освои тие два турнира во низа без загубен сет, со триумфот во Рим стана првиот Италијанец што го освои пехарот во поединечна конкуренција по Адријано Паната во 1976 година, првиот тенисер што освои шест мастерс-титули по ред, стана рекордер со 37 сета во низа на мастерс-турнирите 1.000… Н.М.