ИНТЕРНЕТ-ТУРНИР ВО СОСТАВУВАЊЕ ШАХОВСКИ КОМПОЗИЦИИ „СКОПЈЕ 2026“
На турнирот, кој беше квалитетен, а во рамките на 19. ЕП во решавање шаховски композиции „Скопје 2026“, учествуваа 19 проблемисти од 11 држави со вкупно 34 проблеми
Во рамките на Европското првенство (ЕП) во решавање шаховски композиции, кое неодамна се одржа во Скопје, а победија селекцијата на Полска (екипно) и Русинот Данила Павлов (поединечно), беше организиран и интернет-турнир во составување оригинални шаховски композиции (ШК) со рок за составување од еден месец. Во групата матови во три потези првата награда му е доделена на рускиот ВМ Валериј Шавирин, а во групата помошни матови во 2,5 или три потези, победи заедничкиот проблем на Рикардо де Матос Виеира од Бразил и на Менахем Витзум од Израел.
Истакнатиот македонски проблемист Зоран Гавриловски, кој е велемајстор (ВМ) на ФИДЕ за составување шаховски композиции и меѓународен судија на ФИДЕ за шаховски композиции, беше судија на турнирот во компонирање. Турнирот беше квалитетен, а учествуваа 19 проблемисти од 11 држави со вкупно 34 проблеми (пет во групата матови во три потези и 29 во групата помошни матови во 2,5 и три потези).
Резултатите се достапни на интернет-страницата на Светската федерација за шаховски композиции (www.wfcc.ch). Г.И.

































