Александар Николоски изрази задоволство што Европска комисија ја одобри новата транша од 65,7 милиони евра за земјава во рамки на Планот за раст и Механизмот за реформи, оценувајќи дека тоа е доказ дека Македонија е „земја број еден во Западен Балкан“.
Во интервју за емисијата „Тема на денот“ на ТВ Сител, Николоски рече дека реформите не носат само финансиска поддршка за Буџетот, туку и подобар животен стандард за граѓаните, пренесе МИА.
-Многу ми е драго што се демантираа бројни лаги што се пласираа во јавноста и дека Македонија е земја број еден во Западен Балкан. Тоа е за роковите до јануари, а сега имаме нови рокови до јуни. Утрово имавме состанок со тим од Владата предводен од премиерот Христијан Мицкоски и со директорот за проширување на ЕУ, Копман, и очекуваме повторно да бидеме први – изјави Николоски.
Тој се осврна и на проектите поврзани со Коридор 8, посочувајќи дека денеска имал состанок со Европска инвестициска банка, која е заинтересирана да финансира дел од проектот.
Николоски потсети дека делницата Страцин – Крива Паланка била пуштена во јануари, а следна е делницата Страцин – Куманово, каде очекува градежните активности да започнат следната година.
За автопатот Кичево-Охрид, Николоски изјави дека очекува да биде завршен пред предвидениот рок во мај следната година.
-Веќе имаме функционални 37 километри од вкупно 57. Очекувам во текот на летото да бидат пуштени и дополнителни километри – рече тој.
Според Николоски, актуелната Влада е првата што сериозно се посветила на изградбата на овој автопат.
Во однос на автопатските делници Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани и Прилеп-Битола, Николоски рече дека рокот за нивно завршување е 2029 година, но очекува дел од проектите да бидат готови и порано.
Тој истакна дека најбрзо напредува делницата Прилеп-Битола, иако е најдолга со 40 километри, а веќе следната година очекува едната страна од автопатот да биде пуштена во употреба.
За делницата Гостивар-Тетово рече дека е најсложена поради големиот број објекти што треба да се дислоцираат, додека кај Гостивар-Букојчани, односно заобиколувањето на Стража, посочи дека напредокот е добар и дека веќе се пробиени 18 километри.

































