Фото: Маја Јаневска-Илиева / Илустрација

Организација за храна и земјоделство предупреди дека евентуалното затворање на Ормускиот Теснец би можело да предизвика сериозна глобална криза со цените на храната во следните шест до 12 месеци, доколку владите итно не преземат мерки.

Според ФАО, одлуките што земјоделците и владите ги носат сега – околу употребата на ѓубрива, увозот, финансирањето и изборот на земјоделски култури – ќе бидат клучни за тоа дали цените на храната драматично ќе пораснат до крајот на годинава или на почетокот на 2027 година.

Организацијата наведува дека последиците веќе почнуваат да се чувствуваат. Индексот на цените на храната на ФАО во април пораснал трет месец по ред, главно поради високите трошоци за енергија и нарушувањата предизвикани од конфликтите на Блискиот Исток.

Од ФАО предупредуваат дека кризата би се развивала постепено – најпрво преку поскапување на енергенсите, потоа на ѓубривата и семето, што би довело до пониски приноси, раст на цените на земјоделските суровини и на крајот до повисоки цени на храната за потрошувачите.

Организацијата ги повика владите да обезбедат алтернативни трговски рути за да се избегне зависноста од Ормускиот Теснец, да не воведуваат забрани за извоз и да ги заштитат хуманитарните текови на храна од трговски ограничувања.

Најпогодени би можеле да бидат сиромашните земји во Азија, Африка и Латинска Америка, каде голем дел од населението веќе се соочува со недостиг на храна. Овие држави во голема мера зависат од увоз на азотни ѓубрива од Блискиот Исток.