Има еден. Го среќавам често. Патува по оваа невозможна земја и раскажува за оваа невозможна земја. Ме привлече раскажувањето за една пештерска црква во клисура. Ова известување е последица на мојата средба со тоа воздушно одајче, ни на небо ни на земја…
***Некаде меѓу Вевчани и Вишни… во мигдалата на вознемирената свесност, на маргините на епохата… Тие пловат на примордијалниот бран да донесат пролет (нешто пролета?) од џунџуле што никне на карпа.
Има еден меур во карпата. Високо и вишно. Како ураган. Таму се стасува само со напор, само со јазење по бршленот, вертикално, угоре околу 20 метри…
„Се сеќаваш ли Спасе… Разбојот го најдовме среде пештера, како трон на незамисливо суштество и купишта волна разлетани по празнината. Глуварка? Иднина? Потем… дожд истураше и ние ја презедовме вината. Потем… Суша… бездушна и ние ја презедовме вината и така редум… Разбој… Кој е? Разбој… Што е? Бог?
„Волната што стига ниоткаде – тоа е Бог“, велиш ти. „Чуму му е долама на Бога“, прашувам. „Тогаш разбојот е Бог“, велиш ти. Го славевме…
Така, со должината на исткаеното ја меревме вселената или ја населувавме… Не се смени ништо. Ни со молитва, ни со убавина: така стасавме до нашето прво откровение! Има ли Бог навистина. Баравме на млада месечина… вера… уверување… ТЕМНИНАТА Е ДОКАЗОТ!
Никој не позна дека сме близни. Никој не разбра дека го бараме примордијалниот острв, затоа што ние бевме примордијалниот острв… ние моравме да се прибереме себеси. Како поинаку да се осознае тајната:
„На почетокот беше Зборот…“ Трепет, вибрација… Светлината ќе се објави 100.000 години потоа… „Каде беше Свети Јован Златоуст во темнината!?“, „а Свети Сисое!?“ Каде бевме ние во темницата? Во потполно замрачување трепереа нашите зборови… се делеа како клетки во матката на пештерата. Се вообличуваа. И тоа беше предвидено: зборот се овоплотува.
„Да го препознаеме Патот низ молитва Спасе… во оваа каверна, во овој тунел, во овој вод… сѐ до длабините на најмрачните окна преполни со боеви глави…“
(…и сега додека го препрочитувам моето искуство во воздушното одајче, гласот однатре мрмори: живееме во тежок свет, во тешко време, претешко од лаги со кои се полнат учебниците по историја… свеста процутува и се суши, свеста процутува и се пусти)
****Да го заборавиме ли минатото Спасе? Што треба да сториме? Да одиме напред! Да талкаме, рече… Да талкаме… Но зарем не треба да знаеме каде?“
Ти рече „Вишни“… и се изјазивме по бршленот.
Пештерата нѐ очекуваше. Ние го препознавме повикот и го исчистивме нашиот универзум. Стасавме до последниот остаток: твоето срце… мојот разум… Твојот крик од високите вршени… Мојот шепот под езерските води. Конечно, врисок и вода, големиот почеток… пред тоа беше ништо. Потоа гневот на постанокот… Светлината ќе се појави по 100.000 години…
Спасе, јас не знам зошто ти врисна и не знам зошто јас се удавив во водите. Спасе, јас не знам како моите коски се најдоа назад во пештерата. Спасе, зошто се само 206? Нели почнавме со 300? И јас и ти. И обајцата сме воспитани да бидеме внимателни!?
Се обѕрнуваме. Во пештерата нема ништо. Само шепот и фрески… неповрзани како ѕвезди на погрешен крај на вселената, како поема на погрешен дел на јазикот… Разбојот расклопен…
На почетокот на Патот. Спасе замина во горите над Вевчани. Таму лекува.
Замина. И го пречекори прагот на соништата и покрај множествата зборови и покрај множествата јазици истурени посекаде на свет и покрај сите артикулации, дијалектики, семантички значења, симболи… Јас сакав да му речам дека понекогаш заборавам дека бил, иако знам дека бил (инаку не знам зошто се изјазувам постојано до меурот…до празнината?!).
**…два орли се вијат – две змии се бијат…**
Од овие вршени јасно можат да се чујат брановите, камбаните, чадот од оџаците, аџиите, туристите…секојдневноста:
…Ве молам, упатете ме, каде може да се купи билет за пештерата? Еден (тој знае повеќе и објаснува): Спасе и Спасица исчезнале во комерцијализацијата на верата. Или (другиот е циник): Го гледаш ли езерото одовде… каква ексцентрична цена за светоста… Или: што е тоа што луѓето ги тера?!
Пештера…. Семениште за светци. Продлабочена побожност. Меур. Во каменот. Ураган. Јазол. Бисерна прегратка. Божји покров за покајници…
Спасе, ги гледаш ли и ти ангелите од твоето возвишение? Се гледаат ли џунџулиња по длапките?“ Спасе ние стигнавме до тука.
Спасе… Да го прославиме поразот. Ние. Не можеме да останеме. Не ни е местото. Но ние не можеме ни да заминеме! Се нема каде! Светоста започнува во празнината… Светците се создадени за да има кој да ја насели празнината…“
Патнику… странецу… аџијо… ти… ако си се уморил од рајот и пеколот… дојди овде во Вишни… Замени!
Ова хемиско соединение е последица на неколкукратната посета на пештерата Свети Спас (ќе ја најдете и како „Вознесение Христово“), која се наоѓа на околу три километри по коритото на река Сушица кај селото Вишни. Пристапот до пештерата бил апсолутно невозможен во раното христијанство и потоа сѐ до 20 век. Изворно станува збор за пустиножителска испосница во која ѕеркале и се предавале на молитва (духовно-интелектуален напор кој денес испостеното секојдневие го заменува со синтагмата „научно истражување“) два легендарни лика. Спасе и Спасица се близнаци од Вевчани, кои го препознале повикот Божји. По заедничко подвизување во пештерата, Спасе ја продолжува мисијата во родното село како врач. Каде што лекувал. Вевчанци изградиле црква „Св. Спас“. Спасица останува и ткае на монументален разбој и е позната како јасновидец. Нема сигурни податоци за нивната хагеографија. Некои комотни интерпретации прибегнуваат кон баналната синтагма „кога дошле Турците“!? Сосема поразумна е претпоставката дека припаѓаат на периодот на 3 век по Христа кога Свети Еразмо покрстува 20.000 верници покрај езерото. Од пештерата се гледа локалитетот. За нив не се знае ни кога го пречекориле прагот на соништата. Традицијата пренесува дека нејзините коски со векови светеле во пештерата, за потоа Спасица да ѝ се јави на сон на физички хендикепираната Марија од селото Белица (или Вевчани) и таа се изјазува до пештерата и ги носи коските во црквата „Свети Атанасиј“ во Вишни. За да се заштити черепот од кој верниците штрбнувале за разни потреби некој вешт струшки филигранџија (кој?) прави ремек-дело – маска од сребро со инкрустрирани драги камења, која е и денес реликвија на црквата „Свети Атанасиј“. Пештерата произведува феномени за кои се плетат сказни.
Ова е кус преглед низ фолклорот. Верувам дека станува збор за ХИЕРОФАНИЈА – просторно временски портал помеѓу феноменот и ноуменот, кој како енергетски меур лебди над реката Сушица. Искуството за секој посетител е ненадоместливо.
Во оваа невозможна земја препознав слични енергетски топии: скитовите кај Транупара, Градец, Кокино, Жеглиговскиот реинкарнациски храм, библиотеката во Стоби, пештерата Врело, пештерската црква „Св. Еразмо“, пештерската црква „Богородичино успение“ во Лесново, Пировата гробница кај Бонче, Храмот на Тиха во Стибера, крстилниците кај Мал Сурун и Бразда, Куклици, Сфингата кај Шопско Рударе… Ги набројав причините за овој извештај. Но поводот? Острвот Јона на Хебридите.
Никогаш не сум ја посетил таа карпа со црти и рецки помеѓу Шкотска и Ирска. Знам само дека англискиот православен епископ КАЛИСТ сѐ до 2022 г. редовно одел на аџилак (додека го пишував овој извештај тој сѐ уште беше жив)… или… дека Макбет е закопан таму (трагедијата на Шекспир ја работев во Струмица со Стојан Стојаноски пред 30 години). Но поводот е: еден контроверзен грешник што се одзивал на името Винстон Ведерс ја посетил опатијата пред 40 години и напишал патопис. Не знам како стаса до мене ни кога стаса до мене….
…патувањето до пештерата кај Вишни и патописот за Јона … Како огледала што се огледалат меѓу себе. Синхронија… Симфонија… Синергија… Огледала зад огледала до беспочетокот во нас… со нас…
април 2022… мај 2026…
Вангел Божиноски
































