Секоја телевизиска куќа што држи до себе – до гледаност или рејтинг што е денес значаен параметар на квалитетот, треба да има во својата ударна понуда играна програма, ќе напомене при една наша средба познатата југословенска коментаторка, проследувачка на ТВ-продукциите и програми Бранка Оташевиќ.
Она што не минало низ медиумскиот (продукциски) простор, не постои, постулираат теоретичарите. Цел на ова писание, како и на секоја сериозна програма и стратегија, е како да се освои концесија на небото.
Сопствената стварност презентирана врз коректни технолошки стандарди и жанровска профилираност и разновидност недвосмислено нѐ води во насока на подигање и развивање на продукциската компонента, која во изминатиот транзициски период е маргинализирана и запоставена до степен на исчезнување, за сметка на предимензионираната репродукциска информативна компонента. Воспоставување баланс меѓу овие два сегмента би бил клучна претпоставка за одржување, динамизирање и за развој на националните концесионери и Македонската радио-телевизија во наредниот период.
Многу индикации и сериозни анализи укажуваат на глад за сопствена квалитетна репродукција во етерот. Младите сакаат домашно произведени македонски Шехерезади и слична авторска сопствена репродукција, играна програма како пресек на сегашноста во која се вградени нашето самочувствие и сензибилитет, креативност со која ќе нѐ претстави и интегрира во европската и глобалната жанровска медиумска целост.
МРТВ и покрај сите турбуленции, и денес е вистинското место каде што може да се формира здраво продукциско јадро што би создавала играна и документарна програма како сложени и неопходни видови програма.
Во гледалиштето веќе се чувствува заморот од многубројните странски продукции, кои го окупираат просторот и во извесна смисла нѐ парализираат во обидот да создадеме сопствено производство, што е одлика, печат и достоинство на голем и сериозен продуцент каква што е МРТВ. За да се бара и завредни вниманието на јавноста треба да постојат добри причини – нови или подобрени ТВ-проекти, /продукција/ значајна програмско-техничка соработка и опфаќање на сите сегменти на општествената стварност (култура, спорт, локална самоуправа, европски, интеграции и приоритети…), добро осмислена програмска шема – комплементарна и алтернативна во сопствените фреквенции и коректна во однос на конкурентските национални концесионери, со јасна визија за развојот и уредувачка политика.
Започнување на таков голем и сложен проект е важно и како модел на активна трансформација и консолидација на куќата. Таков проект најпрвин ќе ги обедини и реанимира искуството на сите продукциски реализаторски линии и кадрите (сценска и ТВ-реализација) и пошироко ќе раздвижи и ќе мотивира многуброен и едуциран потенцијал, кој во најголем дел денес останува невработен, раситнет и демотивиран.
Во ваквите проекти, природни и разбирливи се соработката и вклучувањето на ФДУ и други специјализирани школи, со цел, низ проектите во од, идните кадри и профили да стекнуваат искуство и да се обезбеди континуитет на продукциско производство.
Во делот на играна програма, потребно е отворање драми, куси форми, играни детски линии (тука влегува и серијал на јазикот на националностите), сегменти од образовната програма, кои досега (погрешно) беа лоцирани во редакциите. Со почнување на филмски и телевизиски играни серии ќе се отворат и работни места за многубројни профили, кои во одредени фази ќе бидат продуктивно ангажирани во долг временски период.
Со оглед на фактот дека за реализација на ваквите проекти се потребни сериозни финансиски средства, овде е можен и применлив претходно посочениот модел на стопанисување со програмите внатре. Конкретно во фазата на идеја – третман (претсценарио) активно вклучување на маркетингот. Тоа подразбира заинтересираните маркетиншки клиенти драматуршки да се инкорпорираат во големите играни проекти. На тој начин би се обезбедувал дел од трошоците, а компаниите би ги реализирале своите маркетиншки пораки и содржини во вид на активна драмска играна форма. Со започнување на овие програмски линии, над петстотини вработени во одредени фази ќе бидат продуктивно ангажирани во долг временски период.
Аљоша Симјановски
































