Пензионерскиот парламент деновиве повторно се собра и почна да ги разгледува најактуелните прашања во државата. Поради оправдани причини, крактеристични за возраста, некои од моите пријатели беа отсутни подолг период, но сега кога сите сме во потребната кондиција, нашите дискусиони сеанси за сето она што се случува околу нас продолжуваат со несмалена жестина, како воопшто да немало прекин.
Клучната тема самата се наметна со својата актуелност. Се разбира, тоа е правосудството, поточно она што би требало да биде правосудство, а од што всушност кај нас гледаме некоја искривена претстава на она што во нормалниот свет се смета за вообичаена слика. Иако во нашите дискусии се јавуваат разбирливи забелешки дека не сме сите експерти за правото, сепак повикувајќи се на богатото искуство и континуираното присуство во општествено-политичкиот живот, што подразбира меѓу другото и внимателно следење и анализирање на сите промени во оваа област и нивно третирање од сите чинители, особено од експертската јавност, сепак не се повлекуваме и уште пожестоко дискутираме.
Оттаму, групата што веќе некои наши пријатели ја нарекуваат пензионерски парламент, а ние без никакви претензии ја нарекуваме само група за вечерни муабети и дружење, на почетокот на новата сезона констатира неколку забелешки, кои веројатно заслужуваат и поопширна елаборација. Без никакви илузии дека со нашите предлози и забелешки ќе успееме нешто позначајно да смениме, сепак не се откажуваме од идејата да наоѓаме начин да ги понудиме пред јавноста.
Впрочем, ветер во грбот ни дава идејата пласирана пред неколку месеци на истото ова место кога започна да расте спиралата на цените по маркетите, а потоа Владата мораше да презема мерки за нивно скротување. Имено, тогаш излеговме со предлог дека треба да се направи своевиден агрегат што на едно место би ги понудил цените во сите маркети за поединечни продукти, што би им го олеснило изборот на купувачите, особено кога секојдневно се сретнуваа со невиденото дивеење на цените. Не помина многу време, па вештите млади луѓе креираа неколку такви водичи на социјалните мрежи, така што ние со гордост го одбележавме тој чин во нашиот локален парламент.
Овој пат немаме такви амбиции, иако никогаш не се знае. За почеток, би сакал да ја потенцирам главната забелешка околу која најмногу се кршат копјата на нашите вечерни сеанси. Тоа е прашањето за потеклото на имотот. Иако повеќето од нас се сведоци на третманот на ова прашање во некои дамнешни времиња, сепак забелешката е дека токму еден таков закон, спакуван според искуствата на цивилизираниот свет, би можел да значи сериозен исчекор кон растерување на маглата во оваа област. Или, кажано со јазикот на нашиот парламент – ако се открие трагата на парите, таа неминовно ќе ве донесе до криминалците.
Несомнено, ова прашање го потенцираат многумина, но се добива впечаток како да нема доволно истрајност и убеденост да се истера докрај и до донесување соодветен закон што би ја регулирал оваа област. Вака, како противтежа гледаме ликови што номинално не се вработени или, пак, пријавуваат некаква скромна плата, а од друга страна се топорат со скапи коли, луксузни станови, маркирана гардероба.
И тука доаѓаме до второто клучно прашање околу кое се кршат копјата на нашите дискусии. Тоа е прашањето кој ќе ги спроведе законите, па колку и да бидат тие усогласени со европската регулатива, а да бидеме искрени и во овој момент добар дел од нашето законодавство е во тие рамки. Главниот проблем е како и од кого се спроведуваат тие закони. Ако го спроведуваат обвинители што за ист предмет даваат дијаметрално спротивни тврдења, иако истовремено го застапуваат обвинението токму во тој предмет, тогаш е разбирлив стравот за тоа кој и како се грижи за спроведување на правото.
Или, пак, ако тоа се обвинителите или судиите што за едно исто кривично дело, со минимални разлики во неговата содржина, предлагаат и даваат од една страна драстична казна, а од друга минимална, па дури и условна. Или, пак, околу третманот на притворот и куќниот притвор, па дури и никаква санкција за речиси идентични случаи.
А да не ги спомнуваме тука многубројните случаи, особено последниве години, на судии, обвинители и луѓе од ова милје со лепливи прсти што се најдоа на удар на законот, па некои завршија во затвор, некои се дел од судски процеси, а некои трети спијат немирно во страв дека поштарот ќе тропне некој ден и на нивната врата.
Токму тоа е клучниот проблем, заклучува нашиот парламент. Доколку не дојде до сериозно проветрување на редовите на правосудната фела, тешко дека што било од ова ќе може да се спроведе. Закони ќе напишеме уште подобри, ако треба и странци ќе ни дојдат на гости да ги напишат, ако веќе не можеме да се согласиме за нивната содржина во републичкото собрание. Ќе направиме сѐ што треба, но ако нема соодветен кадар со интегритет што ќе се води пред сѐ и над сѐ од правните аргументи, а не од наклонетоста кон некоја партија или интересна група, тогаш сѐ ни е попусто.
Начини да се дојде до решение на овој проблем има, не треба ние да откриваме топла вода. Едно време многу беше активен ветингот, сите зборуваа за него, па уште побргу го заборавија. Тоа е само една од алатките. Дали ќе се искористи само таа или ќе се комбинира со други, нека решат експертите. Наше беше само да констатираме.
Ете тоа беше заклучокот на нашиот пензионерски парламент. Барем ние се усогласивме на микрониво. Ние си го кажавме нашето, ако некој сака да го слушне, добро. Ако не, имаме ние и други предлози, парламентот е во непрекинато заседавање.
































