
Автор: Проф. д-р Анета Кокалеска -Петрушевска, дерматовенеролог
Кожната бариера претставува комплексен структурен и функционален систем кој обезбедува механичка, имунолошка и биохемиска заштита на организмот од надворешни агенси, трансепидермална загуба на вода и микробна колонизација. Нарушувањето на интегритетот на епидермалната бариера е заеднички патофизиолошки механизам кај бројни воспалителни, иритативни и посттрауматски дерматози, вклучително атописки дерматит, контактен дерматит, интертриго, пеленски дерматит, ксероза, хронични егзематозни состојби, како и кај постпроцедурални и постоперативни кожни оштетувања.
Својствата на бакар и цинк врз кожата
Во современата дерматолошка практика, препаратите со бакар и цинк заземаат значајно место во регенеративната и бариерна терапија поради нивните мултифакторни механизми на дејство.
Цинкот поседува антиинфламаторни, антисептични и себорегулаторни својства, со значајна улога во епителизацијата, клеточната пролиферација и намалувањето на локалната иритација.
Бакарот, од друга страна, учествува во процесите на ткивна регенерација, антимикробна одбрана и синтеза на екстрацелуларниот матрикс, со што придонесува за побрзо обновување на оштетениот епидермис.
Комбинацијата на бакар и цинк во дерматолошки формулации овозможува синергистички ефект во третманот и адјувантната нега на состојби проследени со нарушена кожна бариера, воспаление, мацерација и ризик од секундарна инфекција.
Медицински индикации за примена на препарати со бакар и цинк (Cu-Zn)
Ваквите препарати наоѓаат широка примена кај повеќе заболувања и состојби во дерматологијатта еве некои од нив:
1.Површни кожни лезии и механички оштетувања
Екскорирации (гребаници)
Пукнатини на кожа (fissurae), особено на раце, пети и усни
Површински рани без длабока ткивна инволвираност
Мали инцизии и посттрауматски повреди на кожа
2. Иритациски и инфламаторни дерматози
• Иритативен контактен дерматит
• Алергиски контактен дерматит (како адјувантна локална нега)
• Кожна иритација предизвикана од хемиски, физички или механички агенси
• Еритем и иритација од прекумерно миење или антисептичка употреба
3. Состојби поврзани со нарушена кожна бариера
• Ксероза (сува кожа) со микро-фисури
• Атопичен дерматит (во фаза на ремисија или како поддршка)
• Локализирани егзацербации со нарушена бариерна функција
4. Иритации од триење и мацерација
• Интертриго (дерматит во кожни набори)
• Мацерација на кожа поради потење или оклузија и иритација од триење кај спорт или дебелина)
• Пеленски дерматит (пеленска регија кај доенчиња и мали деца)
5. Површни воспалителни состојби со ризик од секундарна инфекција
• Локализирани воспалителни лезии со нарушена микробна рамнотежа
• Инфективно-ризични површни рани (како адјувантна антисептичка поддршка)
6. Адјувантна нега кај хронично иритирана кожа
• Локализирани области со хронична иритација
• Кожа изложена на повторливи механички или хемиски агресори
Дополнително, регенеративно-бариерните формулации со бакар и цинк имаат значајна улога во естетската и процедуралната дерматологија
7.Постпроцедурална дерматолошка нега
• По ласерски третмани (аблативни и неаблативни)
• По хемиски пилинг
• По дермоабразија
• По дерматолошки хируршки интервенции (површни процедури)
• Пост-акни третман со нарушена епидермална бариера
Препаратите со бакар и цинк претставуваат важен сегмент од современата дерматолошка и дермокозметичка терапија поради нивното комбинирано регенеративно, антиинфламаторно, антимикробно и бариерно дејство. Нивната примена е особено значајна кај состојби проследени со нарушена епидермална интегритет, хронична иритација, воспаление, мацерација и зголемен ризик од секундарна инфекција.
Со подобрување на епидермалната репарација, намалување на трансепидермалната загуба на вода и стабилизирање на кожната бариера, овие формулации придонесуваат за побрзо смирување на симптомите, подобрување на толеранцијата на кожата и оптимизација на процесот на заздравување. Нивната широка применливост кај воспалителни дерматози, постпроцедурални состојби, хронично оштетена кожа и професионални иритации ги прави значаен адјувантен терапевтски пристап во секојдневната клиничка пракса.
Современите формулации со бакар и цинк, достапни во различни фармацевтски облици како креми, гелови, спрејови и бариерни препарати, овозможуваат индивидуализиран пристап според типот, локализацијата и стадиумот на кожното оштетување. Со тоа, тие претставуваат важна компонента во стратегиите за реставрација на кожната бариера, превенција на компликации и долгорочно одржување на кожната хомеостаза кај пациенти со чувствителна, реактивна и дерматолошки компромитирана кожа.

































