Фото: Пиксабеј

Основно јавно обвинителство Тетово донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице осомничено за кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.

Според информациите од обвинителството, при претрес во стан на улицата „Илинденска“ во Тетово, каде осомничениот живеел како потстанар, полицијата пронашла околу 44 грама кокаин и околу 3 грама метамфетамин, пренесе МИА.

Дрогата била спакувана во повеќе помали пакувања и била наменета за нелегална продажба, а во станот била пронајдена и дигитална вага со траги од наркотични супстанции.

Од ОЈО наведуваат дека поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и ризик осомничениот да го повтори делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при тетовскиот суд доставил предлог за определување мерка притвор.