Основно јавно обвинителство Скопје поведе постапка и побара притвор за 45-годишен маж осомничен за кривично дело „Телесна повреда“ поврзано со семејно насилство во скопската населба Кисела Вода, пренесе МИА.
Според соопштението на Јавно обвинителство на Северна Македонија, осомничениот физички ја нападнал својата поранешна партнерка, откако насила ја извлекол од домот во кој живеела. Тој ја влечел и туркал до неговиот дом во близина, каде што продолжил со насилството.
Како што наведуваат од обвинителството, мажот ја удирал жената со шлаканици, клоци и мобилен телефон, при што ѝ нанел телесни повреди, рани и хематоми по главата и телото.
Од ЈОРСМ посочуваат дека на осомничениот претходно му биле изречени мерки на претпазливост поради насилство врз неговата мајка и снаата на неговиот брат. Според обвинителството, последниот случај покажува дека за краток период повторно извршил насилнички дејствија, овојпат кон поранешната партнерка.
Поради опасност од повторување на делото и ризик од бегство, јавниот обвинител побарал од судот да му биде одредена мерка притвор.

































