Денеска, точно на пладне во КИЦ „Романса“ во Македонска Каменица, почнуваат
активностите во рамки на четвртото издание на фестивалот „Јаков од Камена Река“.
Во фоајето ќе биде отворен Саем на книги на добитниците на награди од сите
досегашни фестивали и на членовите на Советот. На Саемот ќе бидат присутни
Милијана Павловска, најчитан автор за 2023 според извештаите од библиотеките во
Македонија, Далибор Трајков, најчитан автор за 2024 и 2025 година, Љупчо Јолевски,
Дејан Трајковски, Бранимир Светозаревиќ, Тошо Филиповски, Тони Цифровски, Јордан
Ѓорчев, Орце Симов, Христина Деолска, Влатко Ситновски, Миле Ѓорѓијоски…
Саемот ќе го отвори директорот на фестивалот Миле Ѓорѓијоски, а свое обраќање ќе
има и новинарот и публицист Љупчо Јолевски.
Вечерва пак, во 20. 00 фестивалот, свечено ќе го отвори градоначалничката на
Македонска Каменица, Соња Стаменковска, по што ќе им бидат доделени наградите на
овогодинешните лауреати на фестивалот. Наградени се, проектот „Македонисимо“ за
промоција на македонската музичка култура во светот, за високи дострели во науката,
наградени се проф. д-р Боце Митревски и д-р Сања Пановска, а, за промоција на
македонските јазик, литература и култура награден е проф. д-р Горан Калоѓера од
Хрватска.
Публицистот Тошо Филиповски е награден за промоција на македонската современа
музика, а ЗФГ „Копачка“ од с. Драмче, за афирмација на македонската фолклорна
традиција во светот. Од областа на визеуланта уметност наградени се Константин качев и Роберт Јанкуловски, а за придонесот кон истражувањето на македонската историја награден е проф. Д-р Стојко Стојков.
Од областа на драмската дејност, награда ќе прими доајенот на македонското глумиште Благоја Чоревски, кој ќе има и свој настап во рамки на фестивалот. Во програмата ќе настапи и актерот Игор Трпчески со стихови во чест на поетот Тихомир Јначовски кој годинава требаше да биде гостин на фестивалот, а изведба ќе има и ЗФГ „Копачка“. Ќе бида емитувани и видеоинсерти од проектот „Македонисимо“.
– Нашиот фестивал ја негува љубовта кон македонската култура, историја, музика и
наука. Ние сакаме кај луѓето да ја поттикнеме љубовта кон се она што низ векови,
денес, а и во иднина ќе нѐ прави горди. Фестивалот секогаш е отворен за сите оние што со својата работа ја промовираат Македонија – вели директорот на фестивалот Миле Ѓориоски.
Овој фестивал се одржува во чест на првиот македонски печатар Јаков од Камена Река, денешна Македонска Каменица.
Ф.Д


































