УТРЕ ВО СЦ „ЈАНЕ САНДАНСКИ“ ВО СКОПЈЕ
- Мотивот и основната цел за организација на овој турнир отсекогаш биле да им овозможиме, пред сѐ на нашите џудисти од клубот, но и на младите спортисти од цела Македонија, да се натпреваруваат и да стекнуваат искуство со најдобрите џудисти од Балканот, ни изјави тренерот на ЏК Ипон и селектор на сениорската џудо-репрезентација на Македонија, Горан Мицкоски
Во организација на ЏК Ипон од Скопје и ЏК Карпош џудо мастер од Скопје, утре во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, со почеток во 10 часот, ќе се одржи традиционалниот меѓународен џудо-турнир „Скопје опен 2026“. Право на учество имаат спортисти што се регистрирани во џудо-федерацијата во 2026 година и имаат лекарски преглед не постар од шест месеци. Организаторот обезбеди соодветни награди за спортистите (дипломи, медали и пехари).
– Меѓународниот џудо-турнир „Скопје опен 2026“ е традиционален натпревар, кој во минатото се организираше во периодот околу „13 Ноември“, а по повод ослободувањето на градот Скопје. Поради натрупаноста на спортскиот календар во ноември, во последните години турнирот продолжи да се организира во првата половина од годината и беше ребрендиран под името „Скопје опен“. Џудо-клубот Ипон долги години е организатор на овој традиционален турнир, а од 2023 година како коорганизатор се вклучи и ЏК Карпош џудо мастер од Скопје. Последните неколку години двата клуба со голем успех заеднички го организираат овој интернационален џудо-турнир, кој прерасна во еден од најзначајните младински џудо-настани во регионот. Токму на овој турнир своите први настапи ги имале и олимпијците од нашиот клуб, Абреша Реџепи и Еди Шерифовски, како и многу генерации џудисти, кои денес нѐ прават горди што сме придонеле да станат врвни спортисти, но пред сѐ вистински изградени личности. Тоа претставува дополнителна мотивација и инспирација за младите генерации џудисти – вели тренерот на ЏК Ипон и селектор на сениорската џудо-репрезентација на Македонија, Горан Мицкоски.
Џудо-клубовите за официјалното мерење можат да пријават неограничен број спортисти во следните возрасни и тежински категории: до 12 години, деца/машки, родени 2015, 2016 и помлади (2017, 2018) во тежинските категории: 22, 25, 27, 30, 34, 38, 42, 46, 50 и над 50 кг; до 12 години, деца/женски, родени 2015, 2016 и помлади (2017, 2018), во тежинските категории: 21, 23, 26, 28, 32, 36, 40, 44, 48 и над 48 кг; до 14 години, помлади пионери, родени 2013, 2014 и помлади (2015, 2016) во тежинските категории: 27, 30, 34, 38, 42, 46, 50, 55, 60 и над 60 кг; до 14 години, помлади пионерки, родени 2013, 2014 и помлади (2015, 2016) во тежинските категории: 25, 28, 32, 36, 40, 44, 48, 52, 57 и над 57 кг; до 18 години, кадети, родени 2009, 2010, 2011 и помлади (2012, 2013) во тежинските категории: 50, 55, 60, 66, 73, 81, 90 и над 90 кг; до 18 години, кадетки, родени 2009, 2010, 2011 и помлади (2012, 2013) во тежинските категории: 40, 44, 48, 52, 57, 63, 70 и над 70 кг. Толеранција на тежината е 500 грама за помлади пионери, пионери и кадети.
– Мотивот и основната цел за организација на овој турнир отсекогаш биле да им овозможиме, пред сѐ на нашите џудисти од клубот, но и на младите спортисти од цела Македонија, да се натпреваруваат и да стекнуваат искуство со најдобрите џудисти од Балканот. Ваквите натпревари имаат огромно значење за нивниот понатамошен развој, самодоверба и спортско усовршување. И оваа година очекуваме учество на натпреварувачи од повеќе балкански земји, а ги покануваме сите љубители на спортот и џудото да дојдат во СЦ „Јане Сандански“ и да бидат дел од овој значаен спортски настан – ни изјави Мицкоски. Г.И.
„Едно дете повеќе во сала, е едно дете помалку пред компјутер“
Џудо-клубот Карпош џудо мастер од Скопје и годинава е домаќин и коорганизатор на традиционалниот меѓународен џудо-турнир „Скопје опен 2026“. Во согласност со календарот на традиционални меѓународни натпревари, на овој турнир ќе учествуваат над 300 натпреварувачи, нивни тренери, спортски работници од џудо-клубови и федерации од Балканот и соседството. Чест е да пречекаме голем број учесници на овој турнир и да се претставиме како добри организатори, а со тоа и Скопје во најдобро светло. Нашето мото е: „Едно дете повеќе во сала, е едно дете помалку пред компјутер“, пишува во соопштението на ЏК Карпош џудо мастер. Г.И.
































