- И да нема дилеми. Ова веќе не е прашање на локална самоуправа. Ова е прашање за иднината на Македонија како унитарна држава. Кога политичка коалиција зборува за „автономни општини“, за нивно регионално групирање, за финансиска независност и за посебни инфраструктурни и економски врски со соседни етнички простори, тогаш тоа не е само административна реформа. Тоа е политичка агенда. Уште поопасно е што сето тоа се пакува во европска реторика, како да станува збор за модернизација, а не за постепено демонтирање на државниот суверенитет однатре
Постојат моменти кога политичките маски паѓаат сами од себе. Без многу труд. Без големи анализи. Доволно е внимателно да се слушне јазикот што се употребува, термините што се пласираат и политичките координати што се исцртуваат. Токму тоа деновиве го направи Вреди.
Под паролите за „европска децентрализација“, „локална демократија“ и „регионален развој“, коалицијата практично ја отвори вратата за модел што одамна е препознатлив на Балканот: Етничко територијално преструктурирање на државата.
И да нема дилеми. Ова веќе не е прашање на локална самоуправа. Ова е прашање за иднината на Македонија како унитарна држава. Кога политичка коалиција зборува за „автономни општини“, за нивно регионално групирање, за финансиска независност и за посебни инфраструктурни и економски врски со соседни етнички простори, тогаш тоа не е само административна реформа. Тоа е политичка агенда. Уште поопасно е што сето тоа се пакува во европска реторика, како да станува збор за модернизација, а не за постепено демонтирање на државниот суверенитет однатре. Вистината е сурова.
Федерализацијата никогаш не доаѓа преку еден драматичен чин. Таа секогаш доаѓа тивко. Со „реформи“. Со „надлежности“. Со „европски стандарди“. Со постепено создавање етнички политички ентитети што еден ден веќе нема да ја чувствуваат државата како своја рамка, туку како пречка. Токму таму води оваа политика. И затоа е лицемерно кога Вреди зборува за „граѓанска еднаквост“, а во исто време целата нејзина политичка архитектура е поставена врз етничка мобилизација. Не постои граѓански концепт што започнува со етнички блокови. Не постои европска иднина изградена врз етнички политички кампуси. Во суштина, Вреди не нуди надминување на етничката политика. Напротив, тие ја консолидираат, ја институционализираат и ја територијализираат. Тоа е суштината. Државата постепено се редефинира како збир од етнички контролирани простори, каде што институциите нема да бидат заеднички, туку „наши“ и „ваши“. Денес тоа се нарекува децентрализација. Утре ќе се нарекува регионална автономија. Задутре – нов уставен модел. И тука македонската јавност мора да престане да биде наивна.
Ниту една сериозна европска држава не гради стабилност преку етничка сегментација на територијата. Напротив, Европа со децении се обидува да ги надмине етничките политички модели што Балканот упорно ги рециклира. Но кај нас, секоја нова етнополитичка конструкција се продава како „демократски напредок“. Особено е симптоматично што во целата приказна повторно се турка логиката на етнички квоти, етнички баланси и етничка политичка легитимност. Наместо компетентност – припадност. Наместо институции – етнички бастиони. Наместо држава – паралелни политички светови. Тоа не е демократија. Тоа е сегрегација со законска форма.
Најопасното во целата оваа приказна е што има обиди процесот да се нормализира. Да се претстави како нешто природно, модерно и европско. А всушност станува збор за тивко распакување на државата. Македонија веќе еднаш ја почувствува цената на етничките инженерства. И секој обид повторно да се редефинира политичкиот систем врз етничко-територијални принципи претставува директен удар врз кохезијата, суверенитетот и иднината на државата. Затоа, денес не е доволно само да се обрне внимание на Вреди. Потребно е јасно, но конструктивно да се демаскира суштината на оваа политика. А таа суштина нема врска со европски вредности. Таа има врска со старата балканска идеја дека етничката припадност треба да биде посилна од државата. И токму тука лежи најголемата опасност.
































