Фото: Маја Јаневска Илиева

Министерот за здравство Азир Алиу најави подготовка на првата национална стратегија за човечки капацитети во здравството, со цел долгорочно планирање на потребниот медицински кадар во државата.

Говорејќи по пуштањето во употреба на реконструираниот дел од ГОБ „8 Септември“, Алиу истакна дека здравствен кадар не се создава за краток период, туку потребни се години за едукација и професионален развој.

 – Првпат правиме национална стратегија за човечки капацитети во здравството. Заедно со Министерството за образование и наука ќе предвидуваме број на потребни капацитети и перформанси, од медицински сестри до доктори и специјалисти – изјави Алиу.

Тој посочи дека стратегијата треба да помогне во наредните пет години прашањето за недостиг на доктори и медицински сестри да не биде постојан проблем.

Според министерот, недостигот на медицински кадар е глобален предизвик, а една од мерките што се разгледуваат е развојот на телемедицината, со што би се овозможило и македонски лекари кои работат во странство индиректно да се вклучат во домашниот здравствен систем.

Алиу информираше дека во соработка со Лекарска комора на Македонија се работи и на оптимизирање на постапката за добивање лиценци за работа, со цел поголемо вклучување на кадарот во здравството.

Тој нагласи дека во следните пет до шест години институциите мора да размислуваат долгорочно за создавање нови капацитети, но и краткорочно да изнаоѓаат решенија за покривање на потребите со кадар од земјата и странство.

Претходно, директорот на ГОБ „8 Септември“, Синиша Стојаноски, изјави дека во здравствениот систем најголем проблем претставува недостигот на персонал, а не условите за работа.

 – Условите што ги гледате денеска се додадена вредност, но мораме кадровски да се екипираме – рече Стојаноски, додавајќи дека е потребна регионализација на здравствените услуги и ротација на персоналот за зајакнување на центрите надвор од Скопје.