Фото: Пиксабеј

Италијанското Министерство за здравство соопшти дека сите досега направени тестови за хантавирус кај лицата ставени под медицински надзор се негативни, додека шест лица и понатаму се следат поради можна изложеност на вирусот.

Според соопштението, надзорот се спроведува над патници поврзани со низа летови и контакти со лица кај кои постоел сомнеж за инфекција, вклучително и случајот со жената која подоцна почина од хантавирус, пренесе Анса.

Меѓу лицата под надзор има патници од летот на „КЛМ Ројал Дач ерлајнс“ од Јоханесбург кон Холандија, како и лица кои имале индиректен контакт со истата патничка за време на патувањето меѓу Света Елена и Јужна Африка.

Ресорното министерство прецизира дека тестовите спроведени во римската болница за инфективни болести биле негативни и кај повеќе лица кои биле во карантин во Италија, меѓу кои патници, британски турист и медицински надгледувани членови на екипажот.

Меѓу тестираните се и патници сместени во карантин во различни делови на Италија, вклучително Милано, Калабрија и Неапол, откако било утврдено дека патувале на исти летови со заразеното лице.

Здравствените власти претходно соопштија дека во Италија и понатаму се следат вкупно шест лица, иако досега не е потврден ниту еден случај на инфекција.

Министерството за здравство на Италија наведе дека ситуацијата и понатаму внимателно се следи, но дека досегашните резултати од тестирањата не укажуваат на присуство на вирусот кај лицата под надзор.