Фото: ЗОО Скопје

Во населбата Козле синоќа бил забележан волк со синџир и ремче – чуван како домашен миленик, а по интервенција на надлежните служби е заловен и згрижен во Зоолошката градина Скопје.

– По пријава од загрижени граѓани, на местото интервенираше МВР, а веднаш потоа пристигна и стручната служба од ЗОО Скопје и претставници од градот Скопје, а волкот беше успешно и безбедно заловен. Во моментов волкот е безбедно транспортиран до градината, а ЗОО Скопје ќе го згрижи и ќе му обезбеди соодветна грижа и услови во иднина. Престојниот период ќе биде во карантин под постојан здравствен надзор од стручни лица – информираат од ЗОО Скопје.

Оттаму велат дека за среќа, оваа ситуација завршила без последици, бидејќи станува збор за питомо и мирно животно, но уште еднаш апелираат и потсетуваат дека чување диви животни како домашни миленици е забрането и исклучително опасно.

– Волците не се миленици и не смеат да се чуваат во заробеништво и несоодветни услови. Станува збор за диви животни кои имаат свои природни потреби, инстинкти и однесување. Апелираме до граѓаните доколку забележат нелегално чување диви животни, истото да го пријават до надлежните институции. Благодарност до МВР, Град Скопје, вработените во Зоолошка градина Сашо Панчев и Тина Мицковска и до сите вклучени служби за брзата и координирана интервенција – се вели во објавата на Фејсбук страницата на Зоолошката градина Скопје.

За случајот се огласи и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој вели дека ова не е само неодговорност, туку сериозна опасност за целата околина.

– Не можам да поверувам дека постојат толку несовесни поединци кои на ваков начин третираат диви животни, а притоа ја загрозуваат безбедноста на своите сограѓани – напиша во објава на Фејсбук Ѓорѓиевски, истакнувајќи дека очекува институциите да ги преземат сите неопходни мерки и целосно да го расчистат случајот.

Ѓорѓиевски порачува дека во Скопје мора да има ред!

– Мора да изградиме похумано, побезбедно и одговорно општество во кое законите важат за сите, а животните се третираат со грижа, а не како предмет за нечие иживување – се вели во објавата од скопскиот градоначалник.