Фото: Кабинет на претседателката

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова порача дека Македонија има „насушна потреба од соработка со дијаспората“, не само преку инвестиции, туку и преку знаењето, искуството и контактите што македонските иселеници ги создаваат ширум светот, пренесе МИА.

На приемот организиран во пресрет на традиционалниот Самит Македонија 2025, претседателката нагласила дека географската оддалеченост не значи и духовно оддалечување од татковината.

– Глеткава пред мене е јасна и силна потврда дека географската дистанца не мора да значи и духовно оддалечување од татковината. Пред себе гледам луѓе кои, иако не живеат тука, сè уште имаат емоција, чувство и гордост на припадност, истетовирана во нивните срца од предците – истакнала Силјановска-Давкова.

Таа посочила дека, иако државата е горда на успесите на македонските професори, лекари, инженери, научници и претприемачи во странство, потребна е посилна и подинамична соработка со дијаспората.

Говорејќи за современите предизвици, претседателката нагласила дека во време на брзи технолошки и геополитички промени, конкурентноста на државата зависи од човечкиот потенцијал и неговото правилно искористување. Притоа, ја истакнала важноста на проектите на „Македонија 2025“, меѓу кои и Охрид кампот за високотехнолошка извонредност.

Силјановска-Давкова оценила дека дијаспората денес не претставува хомогена структура, туку динамичен простор составен од различни генерации, додавајќи дека охрабрувачки е сè поголемиот интерес кај младите родени во странство за македонскиот јазик, култура и традиција.

На свеченоста, претседателката им честитала на добитниците на признанието „Македонија 2025“ – Ичак Калдерон Адижес, Елизабет Наумовски и Антонијо Трпевски – истакнувајќи дека нивната работа остава траен белег во земјата и меѓународната заедница и претставува инспирација за идните генерации.

Признанието, кое се доделува во соработка со „Македонија 2025“, е наменето за истакнати личности од дијаспората за нивниот придонес во зачувувањето и афирмирањето на македонските историски, културни и духовни вредности, како и за јакнење на националните и државните интереси.

На настанот се обратиле и Никица Мојсоска Блажевски, Мајкл Чкламовски, како и дел од добитниците на признанието.