Самостојната изложба на Валентина Поцеска, под наслов „Како вода за чоколада…“, ќе биде отворена утревечер, во 20 часот, во Националната галерија на Македонија, објект „Чифте-амам“. Ќе бидат претставени шеесетина дела, изработени во периодот од 2020 до 2026 година.
– Ако го анализираме значењето на самиот наслов на изложбата, кој е инспириран од романот „Како вода за чоколада“ (со поднаслов „Роман на месечни рати со рецепти, љубовни и народни лекови“) од мексиканската писателка Лаура Ескивел, кој воедно е и идиом што во мексиканското говорно подрачје означува состојба пред експлозија или, според дефинициите, како „состојба на работ на солзи, преполнетост со гнев или доживување интензивна сексуална возбуда/страст“, веднаш се забележува интензитетот на истиот процес на создавање преку изразено женско писмо што Поцеска го преточува во сликите. Во основата на самата постапка на сликање е комбинираната техника или постапка на градење на слоевитоста на секое дело, која започнува со колажот, кој е комбиниран и „зачинет“ со боја (масло и акрил), форми, линии, кафе, восок, при што ниту еден од овие елементи не е случаен, туку, како линеарните симболи на четирите елементи, секој одделно и сите заедно се носачи на пошироки значења. Наслојувањето на составните елементи на сликата асоцира на слоевитоста на природните карпести талози од „почетокот на светот“, а нивната содржина, пак, рефлектира археолошки слоеви од цивилизираниот свет – пишува Маја Чанкуловска-Михајловска, кураторка.
Според неа, Валентина Поцеска на извесен начин го апострофира автобиографскиот момент во сликите колажи, не само преку личните писма и меморабилии. Воедно, врз речиси монохромна основа, преку извесна постапка на интертекстуалност, таа ги имплементира сознанијата од личните професионални определби и усовршувања во областа на културологијата, културното наследство, специјализацијата по арапска калиграфија, конзервацијата на икони, реставрацијата на фрески и ѕидно сликарство.
Валентина Поцеска (1965, Скопје) во 1987 година дипломирала на Факултетот за ликовни уметности на отсекот сликарство, во класата на Димитар Кондовски. Има остварено неколку студиски престои: специјализација по арапска калиграфија на факултетот „Мимар Синан“ во Истанбул, конзервација на икони во Византискиот музеј во Атина, управување со музејски збирки во Централниот институт за конзервација во Белград, реставрација на фрески и ѕидно сликарство во Фиренца, Италија. Од 2003 година до денес има објавено повеќе трудови од областа на заштитата на културното наследство, од кои најзначаен труд е книгата „Конзервација: теорија и практика“ од 2019 година. Од 1992 година работи во Националниот конзерваторски центар во Скопје, во Ателјето за конзервација на икони.