фото: Клуб на писатели „Коста Солев Рацин“-Велес

На 86-годишна возраст вчера во Велес, почина македонската поетеса за деца Македонка Јанчевска. Велешките медиуми и бројни нејзини колеги, пријатели, ученици и соработници со пригодни објави искажаа почит и изразија сочувство кон семејството на Јанчевска.

Родена е во 1940 година во Градско. Работела како наставничка во повеќе училишта, а од 1984 година до пензионирањето била директорка на центарот за детско творештво „Ѓоре Органџиев“ во Велес. Благодарение на неа, поетско-ликовната манифестација за деца „Детски Рацинови средби“ стана препознатлив белег за Велес. По пензионирањето била претседателка на Клубот на писателите во Велес.

Јанчевска им припаѓа на македонските поетеси чие творештво уште од почетокот целосно е посветено на литературата за деца. Првите песни ги објавувала во „Развигор“, „Наш свет“ и „Колибри“. Првата книга насловена „Годината моја и твоја“, во издание на „Детска радост“, објавена е во 1977 година. Ги објавила и книгите за деца „Светот ваш меѓу А-Ш“, „Шумска болница“, „Ѕвездено небо“, „Мониста за ѓерданче“, „Нешто ново насетувам“, „Шарена поплава“, „Кој тоа ме вика“, „Сонот на душата“ и двата избора песни „Невенчиња во венчиња“ и „Не знам зошто е така“.

Добитничка е на повеќе награди, меѓу кои „9 Ноември“ на Град Велес, „Ванчо Николески“, награда за животно дело на Здружението на просветни работници-литературни творци на Македонија, златна плакета на просветните работници и признание на Републичкиот педагошки совет, награда за животно дело „Гемиџии“ и други. Нејзините песни се препејувани на јазиците на бившите југословенски народи, на албански, бугарски, турски, влашки и на англиски.

Со изведбата на претставата „Шумска болница“ по текст на Македонка Јанчевска и со промоцијата на истоимената сликовница во издание на издавачката куќа „Полица“ од Скопје, НТ „Ј.Х.К. Џинот“ од Велес во 2021 година го одбележи Меѓународниот ден на театарот – 27 март.

Во 2018 година, Клубот на писателите „Коста Солев Рацин“ од Велес, на Јанчевска и ја додели наградата за животно дело „Коле Неделковски“.

– Водилка при моето творење секогаш беа децата, нив најмногу ги сакам. Цел уметнички пат им го посветив ним, на моите ученици. Љубовта кон децата нема граници, не може со ништо да се споредува, таа е безгранична – изјави тогаш Македонка Јанчевска.

Погребот на Македонка Јанчевска е закажан за в понеделник од 12 часот во црквата „Св. Пантелејмон“ во Велес.

Ф.Д.