Земји ширум светот преземаат мерки за следење на патниците од крузерот „МВ Хондиус“, откако на бродот беше регистрирана епидемија на хантавирус, вирус што вообичаено го пренесуваат глодачи, а во ретки случаи може да се пренесе и меѓу луѓе.
Според Светската здравствена организација (СЗО), досега се потврдени пет случаи на инфекција, додека уште три се под сомнение. Во епидемијата починаа три лица – холандска брачна двојка и германски државјанин, пренесе „Њујорк тајмс“.
Бродот пристигнал на островот Света Елена во јужниот Атлантик на 24 април, кога дел од патниците се симнале. Меѓу нив имало државјани од најмалку 12 земји, вклучително и САД и Велика Британија. Првиот потврден случај бил регистриран на почетокот на мај.
СЗО соопшти дека ризикот за пошироката јавност останува низок, иако кај дел од заразените е откриен андскиот сој на вирусот, кој во ретки случаи може да се пренесува од човек на човек.
– Ова не е коронавирус, туку сосема различен вирус – изјави директорката на СЗО за управување со епидемии и пандемии, Марија ван Керхове, додавајќи дека ситуацијата не може да се спореди со почетокот на пандемијата на ковид-19.
Во меѓувреме, здравствените власти во повеќе земји, меѓу кои САД, Канада, Франција, Швајцарија, Данска и Сингапур, ги следат патниците што биле на бродот или биле во контакт со заразени лица. Поголемиот дел од нив засега немаат симптоми.
Американските Центри за контрола и превенција на болести (CDC) соопштија дека внимателно ја следат ситуацијата и ја класифицирале епидемијата како итен одговор од ниво 3, но нагласуваат дека ризикот за американската јавност останува многу низок.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е информиран за случајот и изрази надеж дека ситуацијата е под контрола.






























