Дигитализацијата на даночните процеси, унапредувањето на управувањето со јавните финансии, анализата на јавните трошоци и продлабочувањето на економската соработка беа во фокус на работниот состанок меѓу македонската и словачката делегација, предводени од министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и словачкиот министер за финансии Ладислав Каменицки.
Состанокот се одржа во рамки на официјалната посета на министерката Димитриеска-Кочоска на Словачка, а од Министерството за финансии информираат дека биле разгледани тековните макроекономски и фискални состојби, како и управувањето и евалуацијата на јавните инвестиции.
Посебен акцент бил ставен на дигиталните алатки во даночниот систем, меѓу кои е-фактура, е-фискализација и QR плаќања. Министерката истакнала дека искуствата на Словачка во оваа област се важен пример за зголемување на ефикасноста, транспарентноста и борбата против сивата економија.
Во рамки на разговорите била отворена и темата за Анализа на јавните трошоци (Spending Review), која согласно Реформската агенда 2024–2027 треба да започне во текот на годината и се очекува да придонесе за поефикасно и потранспарентно управување со јавните финансии.
Димитриеска-Кочоска посочила дека земјата е во фаза на воведување на системот за е-фактура, при што се очекува негова целосна имплементација до крајот на годината.
Таа се осврнала и на економските движења, истакнувајќи дека во 2025 година економијата забележала раст од 3,5 проценти, поттикнат од инвестициите, домашната побарувачка, инфраструктурните проекти и приватниот сектор. За 2026 година, Владата останува претпазлива поради глобалната неизвесност, но растот се очекува да се темели на инвестиции и структурни реформи.
– Фокусот останува на стабилни јавни финансии, поддршка на инвестициите, дигитализација и борба против сивата економија – нагласила министерката.
Словачкиот министер Ладислав Каменицки изразил подготвеност за понатамошна размена на искуства и експертиза во областа на јавните финансии, дигитализацијата и реформските процеси.
Двете страни оцениле дека соработката меѓу Македонија и Словачка ќе продолжи да се продлабочува преку заеднички иницијативи и размена на добри практики, со цел економски развој и подобрување на условите за граѓаните и бизнисите.






























