Фото: МИА

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека привршува внатрепартиската реорганизација и дека во јуни ќе следуваат усогласувања околу тоа како ќе изгледа идниот состав на Владата.

Тој истакна дека неговата партија ќе изгради свој став за идната владина структура, но дека ќе бидат слушнати и позициите на коалициските партнери.

Мицкоски не ја исклучи можноста за проширување на владината коалиција со нови политички субјекти.

– Сè е можно – изјави премиерот, одговарајќи на новинарско прашање за евентуални нови коалициски партнери.

Мицкоски посочи дека засега се прават внатрешни анализи за работата на Владата и на одделни ресори, но дека конечни одлуки сè уште не се донесени.

– Сè уште немаме длабински разговарано, но правиме анализи. Јас лично и луѓето од мојот кабинет имаме одредени индикации, па во јуни ќе имаме повеќе детали – изјави тој.

Во однос на можни промени во распределбата на ресорите, особено по политичките промени во рамки на коалицијата, премиерот рече дека ќе се земат предвид ставовите на сите партнери во власта.

– Ќе излеземе со наш став, базиран на анализи, но сакаме да ги слушнеме и другите коалициски партнери. Верувам дека како стратешка коалиција ќе продолжиме успешно да ја водиме Владата – нагласи Мицкоски.

Во врска со позицијата на министерот Фатмир Лимани, премиерот рече дека тоа прашање треба да го одговори коалицијата „Вреди“, која ја оцени како стратешки партнер во Владата.