Фото: Пиксабеј

Во изминатите 24 часа, Министерство за внатрешни работи регистрирало седум пријави за семејно насилство, при што четири лица се лишени од слобода, а со две лица е извршен службен разговор.

Од МВР информираат дека сериозните случаи на семејно насилство се регистрирани во повеќе градови низ државата.

Во Штип, 38-годишен маж бил уапсен откако, и покрај претходна судска забрана за приближување и вознемирување, повторно ја нападнал својата сопруга во семејниот дом.

Во Скопје се регистрирани повеќе случаи. 55-годишен маж бил приведен по пријава од неговиот син дека му се заканувал со остар предмет, додека друг 40-годишен маж е уапсен по пријава од неговите родители за агресивно однесување, уништување покуќнина и закани.

Во посебен случај, 18-годишник од скопско пријавил дека бил физички нападнат од својот 19-годишен брат, по што полицијата извршила службен разговор со пријавениот.

Во Охрид, при службен разговор со 46-годишен маж, постапувајќи по пријава од неговата сопруга за закани, полицијата пронашла и одзела пиштол, автоматска пушка и муниција.

Во Дебар, 45-годишен маж е лишен од слобода по пријава дека физички ја нападнал својата сопруга.

Во Прилеп, жена пријавила дека била нападната од сопругот со тврд предмет, при што се здобила со повреди.

Од МВР посочуваат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случаите, по што против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави.