
- Литијата ќе тргне од дворот на црквата „Свети Георгиј“ по отслужената вечерна богослужба, со која ќе чиноначалствува митрополитот
дебарско-кичевски Георгиј, заедно со митрополит тетовско-гостиварски Јосиф и свештенството од Дебарско-кичевската епархија
Моштите на Свети Георгиј Победоносец и неговата чудотворна икона традиционално и годинава ќе ја осветат Струга, кои ќе бидат носени денеска, ден по Ѓурѓовден, во торжествена литија низ улиците на градот на поезијата.
Моштите на светителот од манастирот во Рајчица свечено ќе бидат пречекани во 13 часот во храмот „Свети Георгиј“ во Струга, каде што верниците ќе може да се поклонат, според Дебарско-кичевската епархија.
Литијата ќе тргне од дворот на црквата „Свети Георгиј“ по отслужената вечерна богослужба, со која ќе чиноначалствува митрополитот дебарско-кичевски Георгиј, заедно со митрополитот тетовско-гостиварски Јосиф и свештенството од Дебарско-кичевската епархија.
Со традиционалните торжества, но и со одредени новини, литијата ќе помине низ струшките улици, покрај кејот на реката Црн Дрим, низ чаршијата, и повторно ќе се врати во црковниот двор.
Предвидено е поворката да ја води церемонијално полициско возило, што на симболичен начин ќе го одбележи чествувањето на Свети Великомаченик Георгиј, како покровител на полициските и безбедносните сили. Меѓу возилото и литијата ќе дефилира коњаник, облечен во римска трибунска воена облека, изработена од автентични материјали, која е верна копија на оригиналните воени оклопи од тоа време. Коњаникот во раката ќе држи палмина гранка како симбол на мирот, со што ќе има улога на најавувач на процесијата.
– Поворката ќе ја најави звукот на клепалото. Следува ред од млади облечени во стихари, кои ќе носат црковни рипиди и бајраци. По нив следува чудотворната икона на Свети Великомаченик Георгиј од истоимениот храм во Струга носена од четворица угледни граѓани. Редот ќе продолжи со благочестиви граѓани облечени во свечени стихари со развиорени црковни знаменија. Следуваат Градскиот дувачки оркестар на Град Скопје и оркестарот на државното средно музичко училиште „Тодор Скаловски-Тетоец“ од Струга, торжествено интонирајќи ги празничните химни. Традиционално, во поворката е покането да учествува целото монаштво на манастирите од епархијата и целата наша Македонска православна црква – изјави отецот Васко Голабоски за МИА.
Годинава новина ќе претставува збогатувањето на литијата со членовите на културно-уметничките друштва „Илинден“ од Струга и „Дримкол“ од Вевчани, чии членови ќе бидат облечени во локални народни носии. Потоа во празнични одежди ќе се движат свештенството и архијереите, по кои доаѓа раскошно украсениот цветен епитаф со чесните мошти на Свети Георгиј, а по нив се очекуваат мноштво верници.
Литијата годинава ќе добие и хуманитарен карактер, при што собраните средства ќе бидат наменети за лица на кои им е потребна помош.
По завршувањето на литијата, во дворот на храмот ќе биде приредена културно-уметничка програма. Н.М.

































