(филмофилски импресии)
***
Спонтаноста во ромскиот начин на живеење, кога магичните вметнувања, благодарение на мајсторското користење на филмскиот објектив, изгледаат нормално, како дел од реалноста, чини навидум аморфната филмска приказна да стане и подлабока и заокружена, а кај гледачот тој специфичен штимунг влијае да се внесе подиректно во дејствието. Верувам дека Столе Попов, уште од детските денови, присуствувајќи на снимањата на својот татко, директно и силно почувствувал како занаетската страна на режијата му станува блиска. Но уште поважно е што потоа, со творечките години, психолошкото набљудување низ режисерското око на Попов што се активира врз предметот на својот филм се продлабочува, се нијансира и во примерите на овие три филма („Оган“, „Дае“, „Џипси меџик“) добива една многу важна интуитивна димензија.
Тогаш физичкиот живот, со помош на режисерското умеење, се подвргнува на законите на филмското дело. Во овие три анализирани остварувања, филмот добива свој сопствен реалитет, ги здружува стварноста и магичноста во својот самостоен филмски свет како убедливи и дејствувачки соработнички. Владеејќи ги целта и смислата на таа реалистично–магична синтеза, режисерот Попов го заокружува чувството на подлабока стварност низ која скитаат неговите номадски јунаци. Благодарение на својата визуелна способност, филмот ја присвојува фабулата на својата независна територија и посветено ја редизајнира. Како колективен и индивидуален уметнички чин, создавањето на еден филм бара режијата да пронаоѓа креативна сродност, соработка и координација со сценариото, камерата, музиката, да не зборуваме за актерската интерпретација. Но режисерот е оној што материјалното го форматизира, на конкретното му дава симболичност, на стварносното магичност. Тогаш, како во „Оган“, „Дае“ и „Џипси меџик“ под режисерското водство на Столе Попов, енергетскиот потенцијал на филмскиот проект добива дејствувачка сила.

































