Трајанка Илиева-Вељиќ, актерка
- Елфриде Јелинек ја користи фигурата на Џеки Кенеди како културен и медиумски конструкт, а не како приватна историска личност. Таа е симбол на жената претворена во икона преку траумата, жената чија болка е јавно експонирана, естетизирана и консумирана од масовната култура
„Драми на принцезите – Џеки“ е монодрама од репертоарот на Драмскиот театар на режисерката Жива Бизовичар од Словенија, во изведба на актерката Трајанка Илиева-Вељиќ. Следната изведба е утре во 20 часот.
Претставата е работена по текст на австриската авторка Елфриде Јелинек, која за романот „Пијанистка“ во 2004 година ја добива Нобеловата награда за литература. Елфриде Јелинек ја користи фигурата на Џеки Кенеди како културен и медиумски конструкт, а не како приватна историска личност. Таа е симбол на жената претворена во икона преку траумата, жената чија болка е јавно експонирана, естетизирана и консумирана од масовната култура.
Џеки Кенеди во текстот не постои како субјект со сопствен глас, туку како тело и слика врз кои се проектираат машките, политичките и медиумските наративи.
Преку Џеки Кенеди, авторката ја разобличува врската меѓу моќта, машкиот политички мит и женската пасивност. Џеки Кенеди претставува модерна варијанта на девојката што е жртвувана, не преку директно насилство, туку преку јазикот, медиумите и идеалите за женственост. Смртта тука не е само физичка туку и симболична – смрт на приватноста, на субјективноста и на автентичниот женски глас. Подетално за монодрамата разговараме со актерката Трајанка Илиева-Вељиќ.
Што беше за Вас најголемиот актерски предизвик во подготовката и изведбата на „Џеки“?
– Предизвикот за „Џеки“ беше повеќеслоен. Пред сѐ кога ќе почнете да ја читате „Драми на принцезите“, јазикот и поетичноста на Елфриде Јелинек е она што ќе ве фати од прва. Воопшто не е лесно веднаш да го одгатнеш јазикот и да се нурнеш во анализа. Тоа бара голем влог, но токму тоа е она што го правев со задоволство. Откако бев сигурна што зборувам со секоја реплика, со секоја запирка, следниот предизвик беше начинот на кој Елфриде се префрла од тема на тема и постојано се навраќа на едни исти болки, рани, сеќавања…
Гледав предизвик и во оној сегмент каде што требаше да ја најдам Џеки меѓу првата дама, жената опкружена со гламур и нејзината внатрешна суштина.
Актерската кондиција што треба да се има за да се издржи овој јазик, овој монолог, беше најголемиот предизвик при работата. Целиот монолог е една лавина од зборови, гласни паузи, каде што Џеки во ниту еден момент не смее да ја испушти публиката од раце.
Ликот на Џеки во текстот не е класична историска личност, туку симбол и медиумска конструкција. Како изградивте сценско присуство за овој лик?
– Токму така, не е документаристички пристап од страна на Јелинек, туку е драмска конструкција. Џеки е една статуа, привремена слика, врз која се проектираат политичката историја, јавниот живот, машкиот свет, траумата, сите тајни…, но со минимални средства. Сепак таа е само една статуа. Токму тоа отсуство на „месо“ ја диктираше играта: минимални движења, доволни само за објективот на апаратот, за камерите во јавноста.
Работев и на гласот. Има делови во монодрамата каде што прозвучува интонацијата со која говорела Џеки (особено каде што рецитирам дел од нејзината поезија).
На моменти Џеки звучи како да држи јавен говор. Тоа особено ја врамува во таа слика, во таа статуа. Но во целата игра на статуата ѕиркаат пукнатини низ кои избива жената наместо сликата. Токму таму излегуваат моќните актерски орудија каде што можеш да извезеш гоблен од емоции, слики, дејствија. Како да го имаш управувачот на ролеркостерот внатре, во твоето тело.
Како го доживувате текстот на Елфриде Јелинек. Повеќе како политички, феминистички или, пак, интимен монолог?
– Сите три во едно. Сите провејуваат низ текстот. Политички затоа што зборува како прва дама. Веднаш нѐ врамува во политички контекст. Нејзината болка е болка на целата нација. Феминистичкиот призвук исто така е нагласен низ целата драма, но, за мене, како актерка, најпредизвикувачки беше интимниот слој. Нејзините навраќања на сите трауми, болки и скриени вистини, кои никако не водат во патетика, туку напротив, често се изговорени преку насмевка, цинизам, помирување, се вредни за игра. Траумата од атентатот, од изгубените деца и светлината на Мерлин Монро (на кои постојано се навраќа) се теми што интимно ги доживеала своевремено, ја следеле низ животот, но не ги споделувала со јавноста. Сега, кога е на крајот на својот животен пат, чувствува дека таа болка не ѝ припаѓа само нејзе и дека мора гласно да проговори за неа.

Колку беше комплексно да се изрази „тивката траума“ на жена што постојано е изложена на окото на јавноста?
– Џеки мора да остане цврста, фотогенична и опкружена со гламур, дури и во моментите на рушење и распад. Болката ја покажува на начин на кој не ја игра. Голта солзи, го задржува здивот, тешко стигнува до следните зборови, а потоа ги пушта како река. Стои цврсто, исправено, додека целиот внатрешен свет ѝ се превртува. Џеки знае дека е под постојана лупа и затоа траумата станува јавна. Жена што се распаѓа и слика опкружена со гламур. Тука е двојната игра.
Дали во текот на подготовките откривте нов агол на гледање кон ликот на Џеки Кенеди како историска и културна икона? Со што најмногу Ве воодушеви и пријатно Ве изненади ликот на Џеки?
– Тоа што сега сум во тимот на Џеки, а не на Мерлин Монро кажува многу за тоа како сум ја доживеала и колку длабоко сум нурнала во животот на Џеки.
Не можам да кажам дека е нов агол затоа што пред да ја работам „Џеки“ и не сум била нешто многу заинтересирана за нејзиниот живот како прва дама. На неа сум гледала како на поп-икона, модна икона…, но не сум изградила некоја поголема слика за нејзината фигура, за нејзината големина. Челичноста на Џеки е она што најмногу ме врза за неа. По целиот товар што ѝ го натрупал животот, Џеки останала со исправени рамена.
Дали чувствувате лична одговорност кога играте лик што е поврзан со реална историска фигура? Какви емоции Ве облеваат кога сте во чевлите на Џеки?
– Публиката треба да си замине со одредено чувство и некаква слика за Џеки Кенеди. Иако во нашиов случај тоа е монолог на една статуа од едно време, сепак одговорноста е голема кога станува збор за историска личност.
На прав пат сте кога ќе дозволите личноста што ја играте да помине низ вас. Во оваа драма Џеки е конструкција, симбол на една жена, а јас копав во нејзината емоција, нејзината душа, нејзините неискажани зборови, отрајани тишини, но со актерска слобода. На крајот на краиштата, таа е лик што го креирам јас на сцената (се разбира со сите претходни познавања за истиот тој). Во чевлите на Џеки ме преплавува чувство на ранливост наспроти една карпа, контрола наспроти кршливост, гнев и емпатија. Двојноста ја прави комплексна и ја следи Џеки од првиот до последниот збор.

































