Како кризата во Иран ја нагласи потребата за светско производство на фосилни горива
- Светските медиуми пишуваат дека Холандија, Данска, Германија, Мексико и Велика Британија веќе не дебатираат, туку дејствуваат во насока на рестартирање и проширување на домашното производство на фосилни горива
Растечката геополитичка и енергетска нестабилност предизвикана од тековната војна во Иран го актуализира прашањето за производство на фосилни горива и кај националните влади на државите, кои се согласија за транзиција кон т.н. зелена политика. Земјите богати со ресурси на фосилни горива ги ставија на почек зелените енергетски политики, а нивните државни лидери, заради енергетска и економска стабилност, сѐ повеќе прават напори и за зголемена експлоатација на фосилни горива.
Данска, на пример, размислува за продолжување на лиценците за нафта и гас. Германија сака да го зголеми производството на гас, а истото тоа го прави и Холандија. Во меѓувреме, британската влада е под притисок по ова прашање и има намера да одобри понатамошно дупчење во Северно Море. Тие инсистираат дека „дупчењето за нафта и гас е привремено решение за справување со акутната криза“. Но дали е навистина само „привремено решение“?
Фракингот сѐ почесто се спомнува како решение! Што претставува тоа?
Претседателката на Мексико, Клаудија Шајнбаум, поранешна климатолошка научничка, досега се противеше на технологијата за екстракција на гас позната како фракинг, за да ја намали зависноста на својата земја од увозот на САД, но сега го менува мислењето.
– Со години, јас самата велев НЕ за фракингот. Но кога ги гледам новите технологии и ситуацијата на земјата во однос на енергетската зависност, најлошото што можеме да го направиме е едноставно да кажеме – не – порача Шајнбаум.
Најмалку 180 нови гасни и нафтени полиња беа одобрени меѓу 2021 и 2025 година, не сметајќи ги проширувањата или методите како што е фракингот, според Скот Цимерман, кој ги следи проектите за нафта и гас за Глобалниот енергетски монитор.
Во Германија, пакет-мерките за справување со растечките трошоци за енергија предизвикани од војната во Иран вклучуваа коалициски договор за „развој на избрани домашни резерви на гас“, заедно со проширување на обновливи извори.
Баварскиот премиер Маркус Зедер рече: „Следниот чекор би бил фракинг“. Германското Министерство за енергетика, исто така, ја разгледува таа технологија, која е забранета во земјата речиси една деценија.
– Министерката Катерина Рајхе истакна дека Германија мора да ги задржи сите реални опции на маса кога станува збор за снабдувањето со енергија – истакна портпаролот на германското Министерство за енергетика.
Други земји продолжуваат со фракингот за да ја зголемат својата енергетска безбедност, според аналитичката фирма „ВудМакензи“. Тука спаѓа Мексико, каде што претседателката Шајнбаум откри програма за зголемување на енергетската ефикасност, зголемување на обновливите извори на енергија и зголемување на домашното производство на гас, потенцијално и со фракинг.
И Грција се приближи кон одобрување на своето прво офшор-истражување за речиси 40 години. Францускиот Сенат претходно годинава одобри предлог за дозволување на дупчење за нафта и гас на прекуокеански територии за подобрување на безбедноста на снабдувањето – спротивно на желбите на владата и законот стар една деценија со кој се забрануваат истражувањата.
И во Франција некои пратеници сега вршат притисок за проширување на производството на нафта (во континентална Франција).
Земјите со најамбициозни климатски цели ги разгледуваат опциите за производство на фосилни горива
Дури и Данска, која има некои од најамбициозните климатски цели во светот, размислува за продолжување на лиценците за производство во своите полиња во Северно Море.
– Би претпочитал Европа да може да се снајде со зелена енергија. Но реалноста е поинаква и фундаментално верувам дека е подобро Европа да добива гас од Данска отколку од земји надвор од нашиот континент – рече данскиот министер за клима Ларс Агард кон крајот на февруари.
Во меѓувреме, војната со Иран го оживеа бучниот политички судир во Велика Британија околу тоа дали да се поттикне дупчење за фосилни горива во нејзиниот сектор на Северно Море.
Британската влада на премиерот Кир Стармер дојде на власт во 2024 година ветувајќи забрана за нови лиценци за истражување за нафта и гас. Но Стармер постојано добива критики од американскиот претседател Доналд Трамп затоа што одбива да дупчи. Опозициските конзервативци и десничарите исто така вршат притисок врз лабуристите да направат промена на политиката. Е.Р.

































