Фото: МИА

Основниот кривичен суд Скопје ја осуди Јасмина Костадинова, вработена во Министерството за земјоделство, на 10 месеци затвор по признание на вина за примање мито од 2.000 евра во случај поврзан со злоупотреба на ИПАРД фондовите.

Во изречената казна ѝ се пресметува и времето поминато во куќен притвор од ноември минатата година, како и периодот до правосилноста на пресудата.

Судијката Ленка Давиткова образложи дека обвинетата ја злоупотребила својата службена позиција и познавањето на процедурите за да овозможи заобиколување на законските критериуми, со цел фирма која не била рангирана да добие средства од европските фондови. Делото, како што беше наведено, се одвивало континуирано во период од неколку месеци, што укажува на висок степен на умисла.

При претрес во нејзиниот дом биле пронајдени и одземени 8.000 евра, кои ќе бидат конфискувани. Иако Костадинова призна дека примила 2.000 евра мито, побарала враќање на останатите 6.000 евра.

Нејзиниот бранител најави дека по приемот на писмената пресуда ќе одлучат дали ќе поднесат жалба. Од Обвинителството посочија дека пресудата не е правосилна и дека законски предвидената казна за ваквото дело се движи од една до десет години затвор.

Постапката за останатите осум обвинети, меѓу кои и поранешниот директор на Агенцијата за финансиска поддршка Илија Стоилев, продолжува на 11 мај.

Според обвинението, првообвинетиот Џевдет Насуфи, поранешен министер, се товари дека давал поткуп за да обезбеди одобрување на проект финансиран преку ИПАРД програмата. Истрагата опфаќа повеќе лица осомничени за дела како давање и примање поткуп и противзаконито влијание поврзано со користење европски средства.