Одржливите јавни финансии и макроекономската стабилност се клучни во услови на зголемена глобална неизвесност, порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во своето обраќање на Економскиот и финансиски дијалог, што денеска се одржа во Брисел.
Во рамки на 12-oт Економски и финансиски дијалог, информираат од Министерството за финансии, се дискутираше за економскиот развој, предизвиците и плановите, а беа усвоени и препораки за таргетирани политики за секоја земја, коишто треба да се спроведат во наредниот период, пренесува МИА.
– Ограничениот фискален простор е најитното прашање пред министрите за финансии по неколку последователни кризи и силната фискална поддршка обезбедена за време на пандемијата – истакна министерката.
Таа нагласи дека македонската економија, и покрај предизвиците поврзани со глобалните случувања и новите енергетски притисоци, се очекува да продолжи со стабилен раст, со умерено забавување на краток рок и постепено забрзување на среден рок, при што внимателно се следат ризиците од влошување на геополитичката состојба.
Ограничениот фискален простор, како што посочи министерката, претставува еден од клучните предизвици, што бара внимателно балансирање помеѓу потребата од инвестиции и одржувањето на фискалната стабилност.
– Фискалната консолидација е постепена, а економскиот раст на Македонија во наредниот период ќе биде главно поттикнат од инвестиции во транспортната инфраструктура, здравството, образованието и земјоделството. Исто така, имајќи ја предвид брзата промена на геополитичката клима, енергетскиот сектор добива приоритет, бидејќи достапноста и пристапноста на електричната енергија стануваат клучни за растот, инвестициите и политичката агенда. Ова бара значителни напори за балансирање помеѓу финансиските потреби за инвестиции и ограничениот фискален простор – кажа министерката.
Дополнително, потенцираше дека фокусот е ставен на спроведување реформи за подобрување на управувањето со јавните финансии преку постепена фискална консолидација, унапредување на управувањето со јавните инвестиции, дигитализација и воведување е-фактура, намалување на неформалната економија и подготовка на извештај за даночни расходи и ревизии на трошењето.
Димитриеска-Кочоска посочи дека европскиот процес останува клучен двигател на реформите, коишто се насочени кон структурна трансформација на економијата, енергетска и дигитална транзиција и подобрување на деловното опкружување.
Во заедничките заклучоци од состанокот беше нагласена потребата од продолжување на фискалната консолидација преку конкретни мерки со цел намалување на буџетскиот дефицит и создавање дополнителен фискален простор.
Економскиот и финансиски дијалог претставува годишен дијалог за економска политика. На Економскиот и финансиски дијалог во Брисел учествуваат претставници на земјите членки на ЕУ, претставници на Европската комисија, Европската централна банка, како и министрите за финансии и гувернерите на централните банки од земјите на Западен Балкан, Турција, Молдавија и Украина.

































