Најновите сателитски податоци на НАСА покажуваат дека Мексико Сити продолжува да тоне, при што делови од градот се спуштаат со просечно темпо од околу 15 сантиметри годишно. Станува збор за мегаполис со над 20 милиони жители, каде овој процес претставува сериозен урбан и инфраструктурен предизвик.
Според соопштението на американската вселенска агенција, движењето на земјиштето се следи преку сателитот НИСАР (NASA-ISRO Synthetic Aperture Radar), лансиран во јули 2025 година. Анализите покажуваат дека тонењето е последица на слегнување на почвата, предизвикано главно од прекумерно црпење подземни води и долгогодишниот притисок од урбаниот развој.
Мексико Сити е изграден на поранешно езерско дно, што го прави особено чувствителен на вакви геолошки промени. Историските податоци покажуваат дека во минатото, одредени делови од градот тонеле и до 35 сантиметри годишно, додека најновите мерења укажуваат на просечно слегнување од околу 1,3 сантиметри месечно.
Овој процес веќе има директно влијание врз инфраструктурата – се појавуваат оштетувања на патиштата, железничките линии и објектите, а дополнително се продлабочува и хроничниот проблем со водоснабдувањето.
Научниците посочуваат дека новата мисија НИСАР овозможува попрецизно следење на брзите промени на теренот, особено во области кои досега биле тешко достапни за вакви анализи. Податоците се базираат на мерења направени во периодот од октомври 2025 до јануари 2026 година, за време на сушната сезона во регионот.

































